По неколку години пауза одново се врати фудбалот во струмичко Куклиш, откако денес и официјално беше промовиран ФК Интер Кукла, кој веќе собра многу дечиња кои започнаа со тренирање на фудбал.

Како што веќе информираше Спортска Мрежа пред точно еден месец ФК Интер Кукла започна со првите тренинзи, а денес следуваше официјална промоција на клубот кога беше пресечена и црвената лента за означување на официјален старт на работа на клубот.
По згаснувањето на ФК Академија Кукла која се натпреваруваше во Трета лига – Исток, до денес немаше фудбал во Куклиш, но тренерите Васко Панов, Зоран Петров, Васко Тодоров и Кире Темелков решија да го вратот клубот во Куклиш преку ФК Интер Кукла.

Како што информираше Спортска Мрежа фудбалските терен во Куклиш со години беше запуштен, сега повторно блесна во полн сјај како што доликува на еден спортски терен, каде треба да тренираат деца и да се одигруваат фудбалски натпревари.
„Денес со голема радост го отвораме ФК Интер Кукла – клуб кој има за цел да создаде идни шампиони, не само на теренот, туку и во животот. Нашата визија е да изградиме силна фудбалска заедница каде децата ќе учат за тимскиот дух, дисциплината и почитта. Целта на нашиот клуб е да им овозможиме на најмладите да ги развиваат своите фудбалски вештини во позитивна и поддржувачка средина. Сакаме да поттикнеме љубов кон спортот, здрав начин на живот и вистински спортски дух. ФК Интер Кукла ќе биде место каде секое дете ќе добие шанса да учи, да се забавува и да сонува големи соништа. Со поддршката од заедницата и посветените тренери, веруваме дека ќе изградиме тим кој ќе нè прави горди. Ви благодариме за вашата доверба и поддршка. А сега, ајде заедно да ја започнеме оваа возбудлива фудбалска приказна“, велат од клубот.

ФК Интер Кукла веќе работи со дечињата, а за Спортска Мрежа од ФК Интер Кукла истакнаа дека за новата натпреварувачка сезона покрај натпреварување во младински категории, ќе се натпреваруваат и во сениорски фудбал односно во Општинската фудбалска лига (ОФЛ) на Струмица која ќе се реактивира по неколку сезони за следната натпреварувачка сезона 2025/2026 или Четвртата лига по ранг на натпреварување.
„Враќање на сонот – ФК Интер Куклиш. Некогаш, фудбалот во Куклиш беше повеќе од игра. Беше чест, страст, живот. Одекнуваше звукот на топката низ селото, децата трчаа боси по правливите улици, а стадионот беше свето место каде што хероите се раѓаа. Но, времето направи своето. Теренот остана празен, трибините неми, тревата непрепознаена. Селото го изгуби своето срце. Но, таму каде што некои видоа само запуштен простор, тројца луѓе видоа можност. Васко, Кире и Зоран не можеа да дозволат фудбалскиот дух да згасне. Со срце поголемо од секоја пречка, соништа посилни од секој предизвик, започнаа нешто што многумина мислеа дека е невозможно. Првиот чекор беше тежок. Требаше да се исчисти секој камен, секој заборавен агол на теренот. Секој што ја почувствувал љубовта кон фудбалот се приклучи. Со свои раце, со пот на челото, со искра во очите, Куклиш повторно почна да дише фудбал. Стадионот се разбуди Тревата повторно ја прими топката. Сонцето изгреа над новото поглавје на ова мало, но гордо место. Децата дојдоа први. Со копнеж, соништа и глад за игра. Ги облекоа дресовите, ги засукаа ракавите и со првото удирање на топката го означија почетокот на една нова ера. Но, ФК Интер Куклиш не беше само за нив. Ова беше и за оние што го паметеа фудбалот од порано. Ова беше и за новата сениорска екипа – тим што ќе ја врати честа на селото, тим што ќе докаже дека Куклиш сè уште е жив. И кога дојде првиот натпревар, кога на теренот излегоа играчи со гордо исправени глави, кога првиот свиреж на судијата го проби воздухот, никој не остана рамнодушен. Ова не беше само спорт. Ова беше борба, истрајност, љубов, братство. Ова беше Куклиш што повторно стои гордо. ФК Интер Куклиш не е само клуб. Тој е срце што повторно чука, сонот што не умре, симбол дека ништо не е невозможно кога веруваш. И ова е само почеток…“, истакнаа од ФК Интер Кукла.
Теренот беше комплетно саниран а беа реновирани и соблекувалните благодарение на посветеност на раководството на клубот. ФК Интер Кукла располага со се’ што е потребно за квалитетни тренинзи и одигрување на натпревари.

Претседателот на Општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) Струмица, Илија Илиев Рома, беше почесен гостин на свеченото отварање на новиот фудбалски клуб Интер Кукла од Куклиш, а кој го поздрави формирањето на новиот клуб и враќањето на фудбалот во Куклиш.

„Со голема чест и поддршка за младите спортски таленти, му посакаме успешен почеток и многу победи на клубот. Им посакуваме среќа, упорност и спортски дух на сите играчи и тренери“, рече Илиев.
Соблекувалните се целосно реновирани како однадвор, така и одвнатре, а тревникот редовно се одржува за да обезбеди најдобри услови за игра. Со оваа иницијатива, Куклиш повторно станува важно фудбалско жариште, создавајќи нови можности за младите спортски таленти.

Целата иницијатива за формирањето на ФК Интер Кукла и враќањето на фудбалот во Куклиш е за поздравување, а Спортска Мрежа која е посветена на македонскиот спорт и на тоа што дава поддршка и медиумска покриеност на нисколигашите го поздравување формирањето на ФК Интер Кукла, а од името на целата редакција на Спортска Мрежа им посакуваме големи успеси.

Како што веќе информираше Спортска Мрежа од следната сезона ќе биде формирана и Општинската фудбалска лига Струмица, во која ќе се вклучат клубови од општина Струмица, Ново Село, општина Босилово, Василево и општина Радовиш.

