Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ) беше дел од Првата европска конференција за планинарски домови, која од 23 до 25 октомври 2026 година се одржа во Самобор, Хрватска. Настанот отвори значајни можности за меѓународна соработка и подобрување на планинарската инфраструктура во Македонија.
Конференцијата беше организирана од Европската унија на планинарски асоцијации (EUMA) и Хрватскиот планинарски сојуз, под покровителство на хрватското Министерство за туризам и спорт.
Македонската федерација ја претставуваше претседателот Даниело Божиновски, додека меѓу предавачите беше и Горан Николоски, член на Комисијата за планинарски домови при EUMA, кој воедно модерираше една од сесиите.
Во фокусот на конференцијата беа состојбата на планинарските домови низ Европа, нивното управување и одржување, влијанието на климатските промени, како и можностите за обезбедување финансиски средства за реконструкција и модернизација.
Беше претставена и Повелбата на EUMA за планинарските домови, а учесниците имаа можност да ги посетат планинарските домови „Ивица Судник“ на Велики Дол и „Железничар“ на Оштрц.
Особено значајни за Македонија се договорените меѓународни соработки. Претседателот Божиновски оствари средби со генералниот секретар и претставници на EUMA, раководството на Хрватскиот планинарски сојуз и претставници на повеќе европски федерации.
На средбите беше договорена соработка со Хрватскиот планинарски сојуз, додека со претставниците од Словенија беше постигнат договор за соработка во областа на планинарските патеки и домови.
Како дел од оваа соработка, предвидено е словенечки експерти напролет да ја посетат Македонија, со цел размена на искуства и стручни знаења за развојот и одржувањето на планинарската инфраструктура.
Учеството на конференцијата во Самобор претставува значаен чекор за ФПСМ во воспоставувањето нови европски партнерства, кои во иднина би можеле да придонесат за подобри услови во планинарските домови, поквалитетни патеки и понатамошен развој на планинарството во Македонија.