Ракометарите на ГРК Охрид продолжуваат со добрите настапи во македонската Суперлига, откако на домашен терен во СЦ „Билјанини Извори“ убедливо го совладаа Еурофарм Пелистер 2 со 35-19.
„Гладијаторите“ на Борис Ројевиќ ја оправдаа фаворитската улога и уште од самиот почеток покажаа дека бодовите ќе останат во Охрид. Домашниот состав го отвори натпреварот со серија од 4-0, а предноста постојано растеше. Во 18. минута охриѓани имаа водство од 13-5, додека на паузата заминаа со убедливи 21-9.
Во второто полувреме, охридските ракометари рутински ја одржуваа предноста и без поголеми проблеми го приведоа натпреварот до крај за конечни 35-19. Победата беше очекувана, а единствената дилема беше со каква разлика ќе слават домаќините.

Адама Кеита и Никола Зечевиќ беа најефикасни во победничкиот состав со по шест погодоци. Доминик Мате и Шуичи Јошида постигнаа по пет гола, додека кај гостите од Битола најрасположен беше Кристијан Симоновски со шест погодоци.
Со оваа победа, ГРК Охрид стигна до шестиот сезонски триумф и сега има 13 бодови на своето конто.

Во следното коло избраниците на Борис Ројевиќ ги очекува гостување против Куманово, додека Еурофарм Пелистер 2 ќе има нов предизвик на домашен терен, каде што ќе ја пречека Струга.