По десет одиграни кола во Првата женска фудбалска лига има идеална шанса да се стави „лупа“ на табелата и на тоа како досега одиграа прволигашите.
Три екипи во трка за титулата, две екипи во „мртва трка“ за опстанок, Вардар од катастрофален старт до четири победи во низа.
Љуботен останува лидер на табелата по десет одиграни кола како единствен прволигаш кој нема пораз, со 26 бодови на своето конто. Зад поранешниот шампион од Тетово е актуелниот шампион Скопје со 25 бодови или само еден бод разлика меѓу двете екипи што ветува повеќе од пеколна трка за Скопје да ја одбрани титулата, а Љуботен да ја врати.
Во таа трка влегува Тиверија Брера како тим кој постојано е блиску до првата историска титула, но секогаш за некој бод е покуса во таа трка, струмичанки го држат третото место со 22 бодови на своето конто.
Следува бодовна разлика со тоа што Пелистер е четврти со 17 бодови, а пак Каменица Саса е на петтото место со 16 бодови, а сега Вардар е во ситуација кога од тим кој најмногу разочарана стартот на сезоната дојде до четири победи во низа и има 13 бодови на шесто место на табелата.
„Вардарки“ го меркаат четвртото место на Пелистер бидејќи имаат четири бода негатива од таа позиција.
Ас Јунајтед ја прекината серијата порази со триумфот над Речица и се врати на седмото место со 11 бодови на своето конто, додека пак Истатов, одново се спушти на осмото место со девет бодови.
Повеќе од јасно е дека Речица и Кочани ќе водат „мртва трка“ за баражот за опстанок, односно да се избегне последното место кое директно води кон испаѓање во Втора лига.

Речица е претпоследна со четири бодови на своето конто, а на дното е Кочани со само еден бод.
Низ статистиката Тиверија Брера го има најдобриот напад со 48 гола, а пак Скопје најдобра одбрана со пет примени гола. Најлоша напад има Кочани кој дал само шест гола, а пак најлоша одбрана има Речица која примила дури 49 гола на десет меча.
Најмногу победи имаат Љуботен и Скопје по осум, а Кочани е единствениот тим без победа. Од друга страна, Љуботен е единствениот тим кој нема пораз, а пак Кочани има најмногу порази односно девет.