Европската ракометна федерација ги објави проценките за силата на 64-те екипи кои продолжуваат во ЕХФ Европскиот Куп, пред натпреварите од второто коло. Македонските претставници имаат различни позиции на листата, но особено се издвојуваат Охрид и Алкалоид, кои се наоѓаат меѓу четирите највисокорангирани екипи.

Актуелниот освојувач на трофејот, Охрид, е на самиот врв на листата, откако стручниот тим на ЕХФ му ја додели првата позиција. Зад „гладијаторите“ се швајцарскиот Берн и романската Турда, додека четвртото место му припадна на Алкалоид, уште еден македонски претставник со висока оценка пред продолжението на европската сезона.
Алкалоид во второто коло ќе се соочи со австрискиот Келаг Ферлах, кој се наоѓа на 26. позиција. Ривалот на Охрид, турскиот Спор Тото, е рангиран на 27. место, додека Бутел Скопје е на 39. позиција. Неговиот противник, хрватска Горица, се наоѓа на 55. место од вкупно 64 екипи.
Охрид ќе ги одигра двата натпревари со Спор Тото на домашен терен, на 23 и 24 октомври, со почеток во 18:30 часот во СРЦ „Билјанини Извори“. Бутел и Горица ќе ги одмерат силите на 17 и 24 октомври, додека Алкалоид го очекува двомечот со Келаг Ферлах, исто така на 17ти и 24 октомври.

Високите позиции на Охрид и Алкалоид се значајно признание за македонскиот ракомет пред продолжението на натпреварувањето. Сепак, проценките на ЕХФ ќе треба да добијат потврда и на теренот, каде што трите македонски екипи ќе се борат за место во следната фаза.
