Охрид во септември ќе биде во центарот на женскиот ракомет во регионот. Во рамките на активностите посветени на развојот и промоцијата на женскиот ракомет, од 23 до 27 септември 2026 година ќе се одржи Првиот женски ракометен форум – Охрид 2026, додека во истиот период во Струга ќе биде организиран и Ракометниот караван.
Централниот настан – Женскиот ракометен форум – ќе се одржи на 26 септември, во спортската сала „Билјанини Извори“, во периодот од 11:00 до 13:30 часот. Организатор е Ракометната Федерација на Македонија, а форумот ќе понуди можност публиката да слушне искуства и ставови од пет исклучителни имиња кои оставија силен печат во европскиот и светскиот женски ракомет.
На панелот ќе учествуваат Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Лидија Хорват, Сузана Лазовиќ и Драгана Цвијиќ, додека модератор ќе биде Јана Серафимова.
Посебно место на форумот ќе има Индира Кастратовиќ, една од најголемите македонски ракометарки на сите времиња. Нејзиниот препознатлив и моќен шут остави длабока трага и на европската сцена, особено во шампионската ера на Кометал Ѓорче Петров. Кастратовиќ беше симбол и предводничка на златната генерација на македонската женска репрезентација, генерација која со огромна страст и борбеност создаваше моменти кои останаа во колективната спортска меморија.
На форумот ќе биде и Андреа Лекиќ, една од најпрепознатливите плејмејкерки на својата генерација. Со својата визија и способност за разигрување на соиграчките, Лекиќ остави белег во најголемите европски натпревари. Во нејзината богата кариера има бројни настапи во престижни финалиња, титула во Лигата на шампионите со Ѓер во 2013 година, како и сребрен медал со репрезентацијата на Србија на Светското првенство. Македонската публика ја памети и како дел од неповторливиот тим на ЖРК Вардар. Нејзините квалитети и карактер ѝ ја донесоа и титулата најдобра ракометарка во светот за 2013 година.
Од Црна Гора во Охрид пристигнува Сузана Лазовиќ, име кое е нераскинливо поврзано со златната генерација на црногорскиот женски ракомет. Во незаборавната 2012 година, Лазовиќ освои сребрен медал на Олимписките игри во Лондон, злато на Европското првенство, а со Будуќност ја освои и Лигата на шампионите. Европскиот клупски трофеј повторно го подигна во 2015 година. Нејзината приказна денес продолжува и во тренерските води, а од олимпискиот подиум стигна до селекторската клупа на Црна Гора, носејќи со себе искуство од највисоко ниво.
Панелистка на форумот ќе биде и Лидија Хорват, една од најпознатите фигури на хрватскиот женски ракомет. Препознатлива по борбеноста и одбранбените квалитети, Хорват имаше успешна репрезентативна, но и клупска кариера, настапувајќи за неколку големи европски ракометни брендови. По завршувањето на активната кариера во 2020 година, таа остана активно вклучена во развојот на женскиот ракомет, денес во улога на директор на младите женски репрезентации на Хрватска.
Петтото големо име на панелот е Драгана Цвијиќ, една од најдобрите пикерки на својата генерација. Цвијиќ двапати ја освои Лигата на шампионите со Будуќност – во 2012 и 2015 година, додека со репрезентацијата на Србија беше светска вицешампионка во 2013 година. Токму на тој Мундијал беше избрана и за најдобар пикер.
Цвијиќ има посебна врска со македонската ракометна публика, бидејќи во сезоната 2017/18 го носеше дресот на Вардар, со кој стигна до финалето на Лигата на шампионите. Денес своето огромно искуство го пренесува на новите генерации како помошен тренер во женската сениорска репрезентација на Србија.
Со ваков состав на панелистки, Првиот женски ракометен форум – Охрид 2026 ќе биде можност на едно место да се сретнат искуството од најголемите европски клубови, репрезентативните успеси, олимписките и светските медали, но и современите предизвици поврзани со развојот на женскиот ракомет.
Форумот е дел од пошироката програма на Ракометната Федерација на Македонија, која од 23 до 27 септември во Охрид носи низа активности поврзани со женскиот ракомет, додека паралелно во Струга ќе се одржи и Ракометниот караван.
Женски ракометен форум – Охрид 2026
📅 26 септември 2026
📍 Спортска сала „Билјанини Извори“, Охрид
⏰ 11:00 – 13:30 часот
👤 Панелистки: Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Лидија Хорват, Сузана Лазовиќ и Драгана Цвијиќ
🎙️ Модератор: Јана Серафимова
🤾♀️ Организатор: Ракометна Федерација на Македонија