Беласица продолжува да го гради ростерот за новата сезона во Втората македонска фудбалска лига, а струмичкиот клуб официјално ги потврди четирите нови имиња кои ќе бидат дел од екипата.
Станува збор за Рон Мемеди, Давид Спасов, Михаил Танчев и Елмаз Емуш, офанзивно ориентирани фудбалери од кои во Беласица очекуваат дополнителен квалитет и поголема конкуренција во нападот.
Најмлад меѓу новите играчи е 16-годишниот Рон Мемеди. Тој пристигнува од Шкендија Арачиново, а претходно бил дел од Албион и Бутел 2017, каде што ги направил првите фудбалски чекори. Мемеди е централен напаѓач, но може да одговори и на крилните позиции, а воедно е и македонски репрезентативец.
Давид Спасов има 21 година и во Беласица доаѓа од Слога Виница. Станува збор за офанзивен фудбалер кој може да покрива повеќе позиции, а во досегашната кариера настапувал и за Вардар Неготино, Брера Струмица, Брегалница Штип и Каменица Саса.
Во ростерот на струмичани пристигнува и 19-годишниот Михаил Танчев, кој доаѓа од Каменица Саса. Танчев е фудбалер кој ги покрива крилните позиции, а претходно бил дел од Кожуф, српскиот Раднички Ниш и скопски Вардар, каде што и ја започнал кариерата.
Четврто ново име е Елмаз Емуш. 19-годишниот офанзивец во Беласица пристигнува од Преспа од Ресен, која минатата сезона се натпреваруваше во Втората лига. Емуш е фудбалер кој игра на крилните позиции, а во кариерата настапувал и за Вардарски, Караорман, својот матичен клуб, Струга Трим Лум, Јанг Тим и Фламуртари.
Од Беласица очекуваат четворицата нови играчи да донесат свежина, квалитет и поголеми офанзивни можности во тимот во пресрет на новата сезона.
Струмичани нема да чекаат долго за првиот официјален тест. Беласица новата сезона во Втората лига ја започнува утре, на домашен терен, против Осогово, што ќе биде прва можност новите засилувања да го покажат својот потенцијал во црвено-белиот дрес.
Претходно, клубот од Струмица се засили со Димитриј Димитриевски и Лука Варошаноски.