Ана Димитровска, попозната како Ружа, повторно потврди дека е едно од најголемите голгетерски имиња во македонскиот женски фудбал. Фудбалерката на ЖФК Каменица Саса ја заврши сезоната 2025/2026 како најдобар стрелец во Првата женска фудбалска лига со импресивни 35 погодоци, оставајќи ја зад себе Радица Чонева од Истатов која постигна 23 гола.
Нејзината голгетерска доминација не е новост. Во сезоната 2024/2025 со 27 погодоци беше втор стрелец во лигата зад Хава Мустафа (32 гола), додека во сезоната 2022/2023 ја освои „Златната копачка“ со 40 постигнати голови. Исто така, во сезоната 2021/2022 беше најдобар стрелец со 37 погодоци, шест повеќе од тогаш второпласираната Улза Максути.
Димитровска кариерата ја започна во Младост Иднина во 2011 година, каде настапуваше до 2017 година, а потоа се пресели во Каменица Саса каде и денес е еден од најважните играчи на тимот. Со клубот од Македонска Каменица има освоено шампионска титула и Куп на Македонија, а настапуваше и во квалификациите за Лигата на шампионите.
Во разговор за „Спортска Мрежа“, најдобриот стрелец во македонскиот женски фудбал зборуваше за сезоната зад себе, почетоците во фудбалот, најубавите моменти од кариерата и предизвиците со кои се соочуваат фудбалерките во Македонија.

Димитровска повторно најдобар стрелец во Првата женска фудбалска лига. Која е тајната зад оваа голгетерска форма?
„Секако дека ми годи признанието што оваа сезона бев најдобар стрелец во лигата, но зад тоа не стои само индивидуален квалитет. Рецептот е едноставен – многу работа, дисциплина и постојана желба за напредок. На секој тренинг и натпревар се трудам да го дадам максимумот, да бидам фокусирана и да ги искористам шансите што ќе ми се укажат. Среќна сум што трудот беше награден со ова признание, но уште повеќе ме радува тоа што со головите успеав да му помогнам на тимот да ги оствари своите цели“, вели Димитровска за Спортска Мрежа.
Низ кариерата Димитровска освои многу индивидуални признанија, но истакнува дека секогаш на прво место го става успехот на екипата.
„Без дилема, секогаш би го избрала триумфот на тимот. Фудбалот е колективен спорт и колку и да се убави головите, хет-триковите или индивидуалните признанија, тие немаат исто значење ако тимот не победи. На крајот, успесите што се паметат се тимските успеси, а индивидуалните бројки се само дополнителна награда за вложениот труд“, дополнува фудбалерката од Делчево која го носи дресот на Каменица Саса.

Фудбалот е дел од нејзиниот живот уште од најрана возраст, а љубовта кон играта ја водела низ целата кариера.
„Фудбалот го одбрав затоа што уште од најмали нозе беше голема љубов и предизвик. Секогаш сакав да бидам со топка, да играм и да се натпреварувам. Со текот на времето сфатив дека фудбалот не е само хоби, туку нешто со кое сакам сериозно да се занимавам. Кариерата ја започнав во Младост Иднина, каде што ги направив првите фудбалски чекори, а од 2017 година сум дел од Каменица Саса. Во овој клуб израснав како фудбалерка и доживеав многу убави моменти кои ќе ги паметам цел живот. Мој идол уште од детството е CR7. Отсекогаш сум се восхитувала на неговата работна етика, дисциплина, посветеност и желба постојано да напредува. Токму тие квалитети се нешто што се трудам и самата да ги применувам во мојата кариера. Искрено, не се сеќавам на мојот прв тренинг и првиот официјален натпревар бидејќи поминаа многу години оттогаш, но добро се сеќавам на чувството на возбуда и среќа што го носеше секое излегување на терен. Секако, првите голови се моменти кои остануваат засекогаш во сеќавање и токму тие ми дадоа дополнителна мотивација да продолжам да работам и да верувам во себе“, раскажува најдобриот стрелец во ПЖФЛ за Спортска Мрежа.
Зад себе има бројни успеси, титули и важни натпревари, но неколку моменти имаат посебно место во нејзиното сеќавање.
„Имав среќа во мојата кариера да доживеам многу убави моменти – две шампионски титули, освојување на Купот на Македонија и настапи во квалификациите за Лигата на шампионите. Секој од тие успеси има посебно место во моето срце, но ако треба да издвојам неколку натпревари, тоа се победите против ЖФК Тиверија, ЖФК Ас Јунајтед, ЖФК Скопје кога успеав да го постигнам победничкиот гол во последните 15 минути од натпреварот. Таквите моменти се посебни за секој напаѓач, бидејќи знаеш дека директно си му помогнал на тимот да дојде до важна победа. Емоциите по такви голови се нешто што долго се памети. Кога станува збор за поразите, секој пораз ме боли подеднакво, бидејќи секогаш давам максимум и имам голема одговорност кон тимот“, рече Димитровска.

Според неа, успехот бара многу повеќе од талент и секојдневно докажување.
„Да се изгради кариера во женскиот фудбал во Македонија не е лесно и бара многу повеќе од само талент. Потребни се голема посветеност, љубов кон спортот и многу откажувања низ годините. Условите не секогаш се идеални, но токму тоа те прави посилна и поупорна. Да се стигне до шампионска титула, Куп на Македонија и да се биде дел од репрезентацијата е резултат на долгорочна работа, дисциплина и постојана желба за напредок. Секој тренинг, секој натпревар и секоја жртва имаат своја улога во тој пат. Кога работиш со срце и кога веруваш во себе, и покрај сите предизвици, резултатите доаѓаат. Сметам дека токму упорноста и карактерот се клучни за да се изгради една ваква кариера во наши услови“, ни изјави Димитровска позната и како Ружа.
Димитровска смета дека женскиот фудбал бележи напредок и дека конкуренцијата е се посилна.
„Во споредба со периодот кога јас започнав со фудбал, сметам дека женскиот фудбал во Македонија направи голем чекор напред. Има многу поголем интерес, подобра организација и сè повеќе девојки кои се одлучуваат да тренираат и да се натпреваруваат, што само по себе го зголемува квалитетот. Конкуренцијата за шампионската титула и за Купот е посилна, бидејќи има повеќе екипи кои се добро подготвени и кои можат да изненадат секого. Тоа го прави првенството поинтересно и поквалитетно“, вели фудбалерката на Каменица Саса.
- Може ли денес да се живее од женскиот фудбал во Македонија?
Ова е тема за која Ружа зборува отворено и реално.
„Во Македонија, реално гледано, сè уште е тешко да се зборува за целосна професионалност во женскиот фудбал во смисла на тоа да се живее исклучиво од спортот без финансиски притисок. Иако има напредок и одредени вложувања, генерално условите сè уште не се на ниво кое би овозможило стабилна и професионална кариера за сите фудбалерки. Многу девојки, и покрај тоа што тренираат на високо ниво и се натпреваруваат со голема посветеност, сепак мора паралелно да се снаоѓаат и со други обврски или работа за да обезбедат финансиска стабилност. Тоа само по себе покажува дека системот сè уште не е целосно развиен.“
Како една од најуспешните фудбалерки во домашното првенство, Димитровска има јасна порака за идните генерации.
„Мојата порака до сите млади девојки кои сега започнуваат со фудбал е да веруваат во себе и да не се откажуваат, без разлика на препреките со кои ќе се соочат. Фудбалот бара многу работа, дисциплина и трпение, но ако го сакаш искрено, тогаш секој напор вреди. Патот до успех не е лесен – има убави моменти, но има и разочарувања, повреди, порази и ситуации кога ќе се сомневаш во себе. Но токму тие моменти те градат како спортист и како личност. Важно е да останеш посветен и да продолжиш да работиш дури и кога е најтешко. Мој совет е секогаш да се натпреваруваат прво со себе, да се трудат секој ден да бидат подобри од вчера и да не се споредуваат со другите.“
На крајот од разговорот, Димитровска упати порака за важноста на поддршката и љубовта кон спортот.
„Би додала дека многу е важно младите девојки да имаат поддршка од семејството и околината, бидејќи таа често е клучна во тешките моменти. Фудбалот бара многу време, енергија и откажувања, па затоа е важно да се има разбирање за целиот процес. Најважно е секоја девојка да ужива во тоа што го прави. На крај, би рекла дека секоја девојка треба да биде горда што е дел од еден спорт што постојано расте. Благодарам на Спортска Мрежа за поканата и можноста за ова интервју. Ми претставува задоволство што можев да го споделам моето искуство и дел од мојата кариера.“