Брегалница од Штип сезоната ја заврши на најдобар можен начин – со шампионска титула во Втората македонска фудбалска лига, експресно враќање во елитата и голема победа од 7:0 над Победа во последното 30. коло. Но, покрај славјето за пласманот во Првата лига, на стадионот во Штип беше одбележан уште еден значаен момент за клубот.
Пред почетокот на натпреварот, управата на Брегалница предводена од претседателот Ангел Бојаџиев и директорот Емил Тодев им додели врамени дресови со бројот 100 на четворица фудбалери кои влегоа во „Клуб 100“ – капитенот Стефан Коцев, искусниот Горан Силјановски, Стефан Костов и Давид Калпачки.
Станува збор за фудбалери кои со својата посветеност, континуитет и настапи оставија силен белег во „синиот“ дрес и беа дел од генерацијата која ја врати Брегалница таму каде што припаѓа – во Првата лига.

Капитенот Стефан Коцев, кој има 32 години, токму во Брегалница ја започна својата фудбалска приказна. Низ кариерата настапуваше и за Силекс и Шкендија во македонскиот фудбал, а интернационално искуство стекнуваше во Косово со екипите на Лириа и FC A&N, во Грција со Аспропиргос, како и во Казахстан каде настапуваше за Каспиј Актау.
Коцев зад себе има и шампионска титула во Првата македонска фудбалска лига, освоена со Шкендија во сезоната 2024/2025, а денес повторно е еден од лидерите на Брегалница.

Меѓу наградените беше и Горан Силјановски, фудбалер со богато искуство и трофејна кариера. Силјановски е добро познато име на македонската сцена, а зад себе има освоена шампионска титула со Работнички во сезоната 2013/2014. Покрај тоа, со „романтичарите“ освои и две Куп титули во сезоните 2013/2014 и 2014/2015, додека првиот Куп трофеј го освои со Ренова во сезоната 2011/2012.
Силјановски настапуваше за Брегалница во два наврати и остави длабока трага во клубот, а ќе остане запаметен како дел од генерацијата што повторно го врати штипскиот клуб во прволигашкото друштво.
Во „Клуб 100“ влезе и 29-годишниот Стефан Костов, уште едно дете на Брегалница кое токму во Штип ги направи првите фудбалски чекори. Во својата кариера беше дел од Ренова, Академија Пандев (денешна Брера Струмица), Тиквеш и Пелистер, пред повторно да се врати во матичниот клуб.

Костов во својата кариера има освоено и Куп на Македонија, и тоа со Академија Пандев во сезоната 2018/2019.
Посебно признание доби и Давид Калпачки. 25-годишникот од Берово запиша над 100 настапи за Брегалница и веќе неколку сезони е еден од најважните играчи на тимот.
Калпачки низ кариерата настапуваше за Хоризонт Турново, Беласица и Скопје, а интернационално искуство стекна и во Словенија како фудбалер на Крка. Минатата сезона токму тој беше најдобар стрелец на Брегалница, потврдувајќи ја својата важност во тимот.

Со доделувањето на признанијата, Брегалница покажа дека знае да ги цени своите фудбалери и луѓето кои со години го носат товарот на клубот. Во сезона која заврши шампионски и со враќање во Првата лига, признанијата за четворицата „стоткаши“ беа уште еден симболичен момент кој ја заокружи успешната година за „сините“ од Штип.