На првата прозивка се појавија сите одбојкарки кои се најдоа на поширокиот список, а во наредните денови ќе имаат можност да се наметнат пред новиот селектор и неговиот стручен штаб, пред да биде направен првиот избор на составот.

Репрезентативките, меѓу кои има и девет дебитантки, со позитивна атмосфера и голема мотивација ги започнаа подготовките. На воведниот работен состанок, стручниот штаб се претстави пред тимот и ги сподели очекувањата и плановите за претстојниот период.
„Ова е за мене нов почеток, со перспективни девојки и мислам дека со заедничка работа, труд и дисциплина, и најважно комуникација може да направиме нешто што долги години го нема во женската одбојка во Македонија. Им благодарам на сите што позитивно одговорија на повикот, им посакувам среќа и се што ќе барам од нив е да дадат се од себе. Искрено би сакал да ги имаме мажите како пример, кои во изминативе неколку години имаат одлични резултати и тие треба да ни претставуваат мотивација, а зошто и да не го надминеме нивниот успех. Нема да биде воопшто лесно, но со работа и дисциплина се надевам дека за одреден период ќе успееме да го направиме тоа. Ги следев девојките и нивните клупски настапи од декември наваму и на прв поглед делуваат сите одлично расположени и како едвај да чекаат да почнат со работа. Денеска ќе имаме еден полесен тренинг за да се запознаеме малку подобро, нема да бидеме комплетни – одбојкарките на Работнички Скопје и Наковски Волеј ќе добијат уште малку простор за одмор, а потоа започнуваме со нормално темпо на работа“, вели Милош Гавриловиќ.
Македонија имаше успешен настап во Европската лига минатата година, но за разлика од тоа издание сега ова натпреварување има нова „тежина“ како дел од циклусот за Европското првенство 2028 година, па така и квалитетот на противниците ќе биде многу посериозен.
„Во ова издание од Европската лига имаме тешки противници, но се познавам себе си и сум амбициозен. Во некои случаи сум и нереален, но верувам во својата работа и работата на мојот стручен штаб. Ќе ни биде потребно време да видиме до каде сме и како сме, по тешката и долга сезона. Репрезентативки од две екипи до пред два дена играа финале на плејоф, колку девојките ќе бидат подготвени на се, не можам да кажам додека не влеземе во сала, но со големи амбиции, може и нереални, влегуваме во Европската лига. Добро е да знаеме до каде сме и да растеме, но не се сомневам дека ќе имаме изненадувања“, констатира Гавриловиќ и продолжува: „Се надевам дека брзо ќе влезат сите во мојот систем на работа и мојата визија за играта. Имаме малку помалку време за адаптација, ќе има силни противници и силни натпревари. Многу работи ќе зависат и од тоа со каков состав ќе дојдат противниците, но повеќе би сакал да мислам на мојата екипа и со каков тим ние ќе настапиме, а девојките кои ќе бидат одбрани за настапот во Европската лига да бидат максимално подготвени.“
Стручниот штаб на новиот селектор Милош Гавриловиќ ќе го сочинуваат Бранка Каленикова во улога на асистент тренер, како и романскиот кондиционен тренер Рареш Стелиан Стоика. За нов статистичар на репрезентацијата е назначена Анета Банкова, додека медицинскиот тим останува непроменет – доктор на селекцијата и понатаму ќе биде Љупчо Петровски, а физиотерапевт Стефан Јовановски.
Селекторот Гавриловиќ направи мала измена во првичниот план за работа, па наместо предвидените мерења, попладнево репрезентацијата ќе одржи лесен тренинг. Од обврските ќе бидат ослободени одбојкарките на Работнички Скопје и Наковски Волеј, додека од утре националниот тим ќе започне со реализација на целосната програма за подготовки.

Виолета Јанчева е поранешна фудбалерка која настапувала за неколку екипи од Првата македонска женска фудбалска лига. Одлично го познава македонскиот фудбал, но генерално и македонскиот спорт.
Женскиот фудбалски клуб Борец од Велес достојно ги брани боите на Македонија на престижен меѓународен турнир кој се одржува на 27 и 28...
Од денес на терените на ТК Југ во Градски парк во Скопје ќе стартуваат квалификациите за годинашново издание на Macedonian Open 2026. Турнирот...
Машката репрезентација на Македонија за кошаркари до 20 години продолжува со позитивни...
Дивејн Стјуард Јуниор на најдобар начин го најави своето присуство во дресот...
Со победа на машката и минимален пораз на женската селекција, Македонија го...
Македонската кошаркарска репрезентација влегува во завршницата од претквалификациите за Европското првенство 2029...