Трите бодови останаа во Битола – Топ Гол ја доби дерби пресметката за опстанок со Кочани, откако славеше пред својата публика со 2:1 во натпревар од 18. коло на Првата женска фудбалска лига.
Натпреварот во целост беше неизвесен, возбудлив и сосема очекувано со претпазливост во самата игра од страна на двете екипи со оглед дека влогот од истиот за трите бодови беше голем.
Без голови заврши првиот дел од натпреварот во Битола, откако мрежите мируваа и на двете страни, а тоа понуди поголем жар и борба во вторите 45 минути.
Резултатот го отвори домаќинот преку Андреа Алексовска во 56. минута со што Топ Гол дојде прв до водство во дерби пресметката за опстанок. Кочани се обидуваше брзо да реагира и да дојде до гол за израмнување, а тоа се случи во 69. минута кога погоди Лина Мицовска за 1:1.
Но, само по една минута Мила Коњановска постигна гол за ново водство на Топ Гол, а до крајот битолчанките ја чуваа предноста и резултатот од 2:1 стана конечен.
Сега Кочани е на дното со четири бодови – позиција која директно води кон испаѓање во Втора лига, а пак Топ Гол е претпоследен со седум бодови, позиција која води кон баражот за опстанок.
Пред две сезони Топ Гол ја спаси сезоната токму преку бараж, кога во Велес убедливо го совлада тогашниот второлигаш Вардар, кој сега е дел од елитата.