Со четири погодоци и без победник заврши натпреварот во Дојран меѓу Дојранско Езеро и Малеш од Берово (2:2), со што беше комплетирано 13. коло во Трета лига – Исток.
Домаќините први стигнаа до предност. Илија Иванов во 25. минута го отвори резултатот и донесе водство за Дојранско Езеро, но гостите од Берово возвратија пред паузата. Во 40. минута Ерол Пилов ја погоди мрежата за израмнување и резултат 1:1 на полувреме.
Во второто полувреме повторно иницијативата ја презеде домашниот состав, кој во 59. минута преку Димитар Пеев повторно дојде до водство од 2:1. Кога веќе се чинеше дека трите бодови ќе останат во Дојран, гостите успеаја да се спасат од пораз.
Во 92. минута Даниел Бошначки погоди за 2:2 и му донесе вреден бод на Малеш во самиот финиш од натпреварот.
Со овој натпревар беше комплетирано 13. коло во Трета лига – Исток. Сите средби од колото започнаа со едноминутен молк, во знак на почит за трагедијата во Кочани, бидејќи утре, на 16 март, се навршува една година од кобната ноќ кога 63 лица ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Извештајот на Спортска Мрежа за претходните мечеви можете да го прочитате овде.