🔴 Спортска Мрежа од „Билјанини Извори“
Ракометарите на Охрид и Алкалоид одиграа возбудливо дерби во плеј-офот од македонската Суперлига, кое по голема борба заврши без победник 27-27 во салата „Билјанини Извори“.
Натпреварот започна израмнето, со мал број голови и цврста игра на двете страни. Во првото полувреме ниту една екипа не успеваше да создаде поголема разлика, а гостите од Автокоманда на пауза заминаа со минимална предност 14-13.
На стартот од вториот дел Алкалоид првпат се одлепи на три гола разлика, но Охрид брзо се врати во ритам и со серија голови успеа да направи пресврт и да поведе со 20-18. Во продолжението се играше гол за гол, а во неколку наврати и двете екипи имаа водство од по два погодоци.

Финишот донесе вистинска драма. Алкалоид поведе со 26-24, но домашните повторно се вратија и израмнија. Во последната минута двете екипи имаа можности да стигнат до победа, но голманите се истакнаа со важни интервенции, па натпреварот заврши со поделба на бодовите.

Кај Охрид најефикасен беше Дарко Ѓукиќ со осум погодоци, додека кај Алкалоид се истакна Никола Костески со шест гола. Реми исходот значи дека и двете екипи остануваат во трката за висок пласман, но пропуштија можност дополнително да се доближат до водечките тимови во шампионатот.

Салата „Билјанини Извори“ беше исполнета до последното седиште, атмосферата беше неверојатна, а Охрид уште еднаш потврдува дека живее за ракометот.