По настапот во Купот на Македонија, ракометарите на ГРК Охрид повторно се насочуваат кон обврските во домашното првенство. Во рамките на второто коло од плеј-офот во Супер Лигата, охриѓани викендов се пред важен предизвик, бидејќи во салата „Билјанини извори“ ќе ја пречекаат екипата на Алкалоид – сериозен ривал кој, исто така, е дел од ,,големата четворка” на врвот од табелата.

За охридскиот состав овој натпревар има голема тежина, а тоа го потврдува и голманот- Бојан Блажески, кој за Спортска Мрежа го најави дербито против Алкалоид.
Тој нагласува дека Алкалоид е квалитетен и добро познат противник, но истакнува дека неговиот тим ќе влезе максимално мотивирано и решено да ги освои бодовите пред својата публика. Блажески верува дека поддршката од трибините може да биде дополнителен ветер во грб за тимот во обидот да се одбрани домашниот терен.
„Во сабота ни гостува екипата на Алкалоид. За нас- еден од најважните натпревари во оваа сезона. Се работи за сериозен противник кој одлично го познаваме. Без разлика на претходниот исход на натпреварите што ги одигравме со нив, ние ќе дадеме сè од себе да ги освоиме двата бода и да го одбраниме домашниот терен. Ја повикувам охридската публика да биде нашиот осми играч, бидејќи нивната поддршка ќе ни биде од големо значење!”- изјави голманот за Спортска Мрежа.

Натпреварот меѓу ГРК Охрид и Алкалоид се игра во сабота (14 март) во салата „Билјанини извори“ со почеток од 18:00 часот. Влезот за публиката е слободен, а средбата ќе има и хуманитарен карактер – во салата ќе бидат поставени кутии за донации за лекување на десетгодишната охриѓанка Ева. Очекувањата се дека салата ќе биде целосно исполнета и домашниот тим ќе има силна поддршка од трибините.