Најдобрите македонски кошаркарки од вчера попладне се во Копенхаген, каде утре од 18:30 часот против селекцијата на Данска ќе го одиграат четвртиот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2027.
Во претходните три натпревари, нашата женска сениорска репрезентација забележа една победа, токму против Данска. Во драматичен меч одигран во СРЦ „Кале“, македонските кошаркарки славеа со минимални 79:78.
Сепак, утрешниот дуел нашата селекција го дочекува во значително изменет состав. Најголемата промена е отсуството на долгогодишниот капитен Анџелика Митрашиновиќ, која неодамна се повлече од активното играње кошарка.
Се очекува капитенската лента да ја преземе најискусната кошаркарка во актуелниот состав, Александра Стојановска, која ги сподели очекувањата пред претстојните натпревари од квалификацискиот циклус.
„Очекувањата, секако, не можат да бидат исти како претходно. Во моментов се случуваат големи промени во националниот тим. Доаѓаат многу млади играчи, а промените во играчкиот ростер се значајни. Имаме и ‘пензионирање’ на нашиот најдобар играч, Анџелика Митрашиновиќ, што драстично ја менува улогата на плејмејкерот во тимот.
Нашата цел е да бидеме обединети како екипа и да го дадеме максимумот како и секогаш. Сакаме на младите играчи да им покажеме како се бори и како се сака репрезентацијата. Дали тоа ќе биде доволно за победа, ќе видиме на терен“, изјави Стојановска.
Стојановска верува дека токму младоста во составот може да биде и фактор на изненадување во натпреварите од овој мартовски ФИБА „прозорец“.
„Зошто да не? Имаме многу талентирани млади играчи кои се уште се во фаза на развој, и како кошаркари и како личности. Јас лично верувам во нив и сметам дека можат да изненадат и да покажат што знаат и што можат, бидејќи ова за нив е голема шанса“, додаде Стојановска.