Без изненадувања заврши групната фаза од Купот на Македонија, што значи дека на завршниот турнир, повторно ќе настапат истите четири екипи како и минатата година. Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид и Алкалоид од Автокоманда обезбедија пласман на Ф4 и ќе се борат за трофејот во ова натпреварување.

Актуелен освојувач на Купот е Вардар, кој воедно е и најтрофејниот клуб во ова натпреварување со 17 титули. Еурофарм Пелистер досега има пет освоени пехари, додека Алкалоид еднаш се радуваше на трофејот. Единствено Охрид од ова друштво сè уште нема триумф во Купот.

До пласманот на завршницата, „црвено-црните“ славеа против Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер 2, додека битолчани беа подобри од Струга и Прилеп. Охрид на свој терен ги елиминираше Тиквеш и Куманово, а Алкалоид не дозволи изненадување во дуелите со Радовиш и Пролет.

Завршниот турнир од Купот на Македонија е предвидено да се одигра во периодот од 17 до 19 април, кога ќе бидат познати и новиот освојувач на трофејот, како и полуфиналните двојки.