Фудбалскиот клуб Детонит Плачковица му оддаде посебно признание на својот долгогодишен фудбалер Славчо Јанев, познат и како Баге, по повод големиот јубилеј – 450 одиграни натпревари во дресот на радовишкиот второлигаш.
Пред почетокот на денешниот натпревар против Беласица, управата на клубот му додели врамен дрес со бројот 450, симболично одбележувајќи го неговиот долгогодишен придонес и лојалност кон клубот. Дресот на Јанев му го врачи претседателот на ФК Детонит Плачковица, Јовица Трајчев.
Јанев зад себе има импресивна кариера во клубот од Радовиш, во која во текот на 16 сезони одигра 450 натпревари и постигна 60 погодоци, оставајќи значаен белег во историјата на Детонит Плачковица.

Фудбалерот е роден на 4 јули 1991 година, а покрај за Детонит Плачковица, во својата кариера настапуваше и за некогашниот второлигаш Баби од Штип.
Со ваквите бројки и долгогодишна верност кон клубот, Славчо Јанев – Баге се вбројува меѓу фудбалерите кои оставиле длабока трага во историјата на радовишкиот фудбал.
