ГРК Охрид испиша нова златна страница во својата историја. По победата од 30-21 во „Билјанини Извори“, охриѓани вечерва славеа и во Прага со 30-24 против Дукла Прага и обезбедија пласман во четвртфиналето на ЕХФ Европскиот куп.
Со вкупен триумф од +15, „гладијаторите“ се најдоа меѓу најдобрите осум екипи во натпреварувањето – најголем меѓународен успех во клупската историја.
Контрола, зрелост и европска сигурност
Во реваншот во Прага, избраниците на Борис Ројевиќ уште од стартот покажаа дека не допатувале да ја бранат предноста, туку да победат. Во првото полувреме имаа контрола на резултатот, водеа и со три гола разлика, а иако домаќинот се враќаше во егал, на паузата Охрид замина со 15-13.
Во вториот дел темпото беше засилено, одбраната компактна, а нападот разигран – без простор за изненадување и со сигурна реализација на задачата.
Најпрецизни беа Прибетиќ со седум погодоци, Петриќ и Ојлески со по пет, додека Пилиповиќ запиша 12 интервенции.

Ројевиќ: Горди сме на историскиот успех
Во изјава за Спортска Мрежа, тренерот Ројевиќ, нагласува дека е особено задоволен од пристапот, дисциплината и карактерот што неговите ракометари ги покажаа во двата натпревари, потенцирајќи ја и огромната поддршка од навивачите кои допатуваа во Прага.
„Многу сум задоволен и горд на мојата екипа. Им честитам на момците за извонредната борба, дисциплина и карактерот што го покажаа во двата натпревари. Посебно сакам да им се заблагодарам на нашите навивачи кои допатуваа од Македонија во голем број во Прага и ни дадоа огромна поддршка. Нивната енергија и верба во тимот беа дополнителен мотив за играчите и сигурно придонесоа за овој голем, историски успех за клубот.“

Следува европски предизвик од највисоко ниво
Во четвртфиналето остануваат сериозни и финансиски моќни клубови, а стратегот на Охрид смета дека ова издание на натпреварувањето е едно од најквалитетните во последните години. Сепак, вербата во сопствените можности останува клучна.
„Во четвртфиналето останаа навистина врвни екипи и јасно е дека нè очекува исклучително тежок пат. Според мене, ова е најквалитетното издание на овој европски куп во последните 7–8 години, со клубови кои имаат големо искуство и сериозни буџети. На пример, Татабања располага со буџет од околу пет милиони евра, што доволно зборува за нивото и амбициите на тие тимови. Сепак, ние ќе веруваме во себе, ќе се подготвиме добро и ќе се обидеме да бидеме конкурентни против секој противник, со максимално залагање и тимски дух кој нè доведе до ова ниво.“

Европа + плеј-оф: амбициите растат
Покрај европскиот успех, Охрид го очекува и жесток плеј-оф во домашното првенство, каде конкуренцијата е исклучително силна. Ројевиќ потенцира дека тимот ќе се бори на три фронта и дека континуитетот во резултатите би бил огромна потврда за работата во клубот.
„Во наредниот период нè очекува исклучително тежок распоред, бидејќи се натпреваруваме на три фронта, што нема да биде лесно да се издржи, особено со голем број тешки натпревари и патувања. Сепак, нашите играчи веќе покажаа дека имаат квалитет и карактер да одговорат на такви предизвици. Самото трето место и евентуалниот пласман во ЕХФ Европската лига би биле огромен успех за клубот и потврда на континуитетот во нашата работа. Секако, во плеј-офот ќе влегуваме во секој натпревар со максимални амбиции, ќе се бориме против силни противници и ќе се обидеме да го оствариме најдобриот можен резултат за Охрид.“- вели Ројевиќ за Спортска Мрежа.

Охрид веќе направи историја со пласманот меѓу најдобрите осум во Европа, но амбициите не застануваат тука. Следува европска битка за полуфинале и домашен плеј-оф полн со предизвици – а „гладијаторите“ покажаа дека се подготвени за најголемите сцени.