Младост од Богданци останува непоразен лидер во Првата ракометна лига откако со 24:35 вечерва славеше во Неготино над Вардар во меч од 16. коло на Првата ракометна лига.
Мечот беше исклучително возбудлив и иако на крај гостинот однесе висока победа, сепак квалитетно се намачи за да стигне до бодовите. Првиот дел од мечот заврши со предност за Младост од 16:17, а се играше гол за гол и често менување на водството.
Во вториот дел гостинот од Богданци започна да гради предност откако дојде до плус три при 17:20, а потоа имаше и плус четири при 20:24 во 45. минута кога беше направена клучната разлика со што четата на Горан Андоновски тука го трасираше патот кон нова победа.
До крајот предноста на непоразениот лидер само се зголемуваше до конечни 24:35.
Прво име кај Младост со 11 гола беше Никола Димитров, а по седум погодоци имаа Зоран Стојаноски и Лазар Адамовиќ. Кај домашниот тим Ѓорѓи Орешков имаше десет погодоци.
Мулти Есенс лесно го збриша Овче Поле со 45:23 и во текот на целиот меч скопскиот тим доминираше. Јулијан Матевски со девет гола беше прво име кај Мулти Есенс, а кај гостинот од Свети Николе се истакнаа Кристијан Коцевски и Андреј Игњатов со по пет гола.
Во неизвесен и драматичен меч Јехона славеше во Гевгелија над Партизан со 29:30. Илија Пејковски со десет гола беше најдобар за Партизан, а за Јехона најдобар беше Адис Салиу со 12 гола.
Аеродром без проблеми славеше против Шампион со 33:25, а до победата стигна и преку најдобриот стрелец Никола Иванов со осум гола, а го следеше Давид Аврамовски со шест гола, за гостинот се истакна Давид Јовчевски со 12 гола.
Убедлива победа имаше и Македонија ЃП со 48:20 над Кичево. Со десет гола Стефан Нацев го предводеше домаќинот до голема победа, а за гостинот Андреј Шулевски со 12 гола беше прво име.
Колото се комплетира утре со мечот меѓу Преспа и Драчево Јуниор, каде гостинот е голем фаворит.