Ракометарите на ГРК Охрид испишаа нова страница во клупската историја, откако со втора победа над Дукла Прага обезбедија пласман во четвртфиналето на ЕХФ Европскиот Куп. По убедливите 30-21 на домашен терен, охриѓани славеа и во Прага со 30-24, со што без дилеми го заверија местото меѓу ТОП 8.
Македонскиот претставник самоуверено го отвори реваншот и уште во раната фаза наметна ритам. Иванковиќ и Ѓукиќ беа двигатели на нападот, а Охрид во неколку наврати имаше предност од три гола. Домаќинот се обиде да се врати во егал, но избраниците на Борис Ројевиќ знаеја како да го исконтролираат резултатот и на паузата заминаа со водство од 15-13.
Во второто полувреме „гладијаторите“ дополнително го засилија темпото и не дозволија никаква неизвесност. Со цврста одбрана и сигурна реализација постепено ја зголемуваа разликата и рутински го приведоа натпреварот кон крај, потврдувајќи дека се поквалитетен ривал во овој двомеч.
Меѓу најзаслужните беше голманот Пилиповиќ со 12 интервенции, додека во нападот се истакнаа Прибетиќ, Ојлески и Пешиќ. Охрид со ова го оствари најголемиот меѓународен успех во своето постоење, а името на следниот противник на патот кон полуфиналето ќе го дознае по ждрепката за четвртфиналето.
Со шестата европска победа сезонава, охридскиот тим покажа дека има квалитет и амбиција за уште поголеми дострели на европската сцена.