Денеска стартуваше пролетниот дел од Првата кошаркарска лига, а во центарот на вниманието беше дербито во групата Б, во кое Струмица ФМП славеше над директниот конкурент Соколи од Штип со 78:68.
Во меч за првото место во групата Б, одигран пред верната домашна публика, струмичани одиграа зрело и сигурно, со што се зацврстија на врвот на табелата и ја продолжија мисијата за пласман во Суперлигата.
Домашниот тим одлично го отвори натпреварот и во текот на целиот натпревар го диктираше темпото, контролирајќи го резултатот и заслужено стигнувајќи до посакуваниот триумф за идеален старт на вториот дел од сезоната.
Успешно пролетниот дел го отвори и Бутел, кој на домашен терен го декласираше Борец од Велес со убедливи 100:73, демонстрирајќи офанзивна моќ и сигурна игра.
Колото во групата Б ќе се затвори утре во Струмица, каде што Ролинг ќе го пречека Спортисимо, во дерби од дното на табелата. Домашниот тим ќе ја брка втората победа сезонава, откако веќе еднаш славеше против истиот ривал, додека гостите ќе се обидат да стигнат до првиот позитивен резултат. Во рамки на 12. коло, слободна беше екипата на Овче Поле од Свети Николе.
Возбудувања имаше и во групата А, каде што Тетекс ТТК на домашен терен го совлада Црн Дрим од Струга со 74:62, додека Водно Санс очекувано убедливо славеше против „фенерџијата“ Младинец со 117:85.
Утре на програмата е дербито во салата „Билјанини Извори“ меѓу Охрид и Мега Баскет, а во првото пролетно коло, односно 12. рунда, слободна е екипата на Вардар.