Прволигашот Вардар ги започна подготовките за вториот дел од сезоната во Првата женска фудбалска лига со првата прозивка на тренерот Теодора Димитровска.
Подготовките ќе се одработат во Скопје, а ќе се одиграат три контролни натпревари од кои првиот веќе е против ЖФК Љуботен во Тетово.
Како што веќе објави Спортска Мрежа, ЖФК Вардар се засили со голманката Натали Талевска, играчот од среден ред Михаела Марковска и офанзивката Ивана Милевска.
Разговаравме со Димитровска за планот за подготовки, како истите ќе течат, како и од очекувањата за пролетниот дел.
„Зимските подготовки се веќе започнати. На старт имаат индивидуална подготовка со кондициониот тренер, потоа следува тестирање и веќе продолжуваме со интензивни и тактични припреми и пријателски натпревари. Припремите ќе течат во Скопје и договорени се три контролни натпревари каде што првиот е веќе закажан со ЖФК Љуботен во Тетово. Трите нови засилувања веќе се започнати со подготовките заедно со екипата, а од друга страна се разделивме со неколку играчи на кои сум бескрајно благодарна за секој ангажман што го дадоа за Вардар. Со оглед на зимските подготовки кои се професионално подготвени од страна на стручен штаб верувам дека исходот ќе биде таков каков што очекуваме. На самиот старт нѐ очекува дерби натпревар каде што очекувам победа и три бода највеќе за самодовербата на девојките и нормално за местото на табелата. Можам да кажам дека ни престои една добра и интензивна полусезона каде што бодовите ќе ги бараме кај повеќето екипи со оглед на новоформираната екипа.
На девојките пред сѐ им посакувам да се здрави потоа посакувам да се исполни целта и желбата што ја носиме сите како екипа“, изјави шефот на стручниот штаб на Вардар, Теодора Димитровска за Спортска Мрежа.
Вардар е дебитант во Првата лига и во есенскиот дел имаше солидни резултати, а со засилувањата и навремените подготовки се очекува Вардар да има подобри резултати.
„Воедно сакам да ви се заблагодарам на вас како Спортска Мрежа, спортски портал што овозможува промоција околу Првата и Втората женска фудбалска лига, за афирмација на женскиот фудбал, и за сите новости кои ги има во женскиот фудбал“, дополнува Димитровска.
Спортска Мрежа останува посветена на промоција на македонскиот спорт и темелно известување за Првата и Втората женска фудбалска лига.
Пролетниот дел Вардар го отвара го отвара против битолски Топ Гол на домашен терен.