Фудбалскиот клуб Победа Валандово, актуелен лидер во Третата лига – Исток и екипа која сезонава чекори кон враќање во Втората македонска фудбалска лига, направи значаен чекор надвор од теренот, официјално промовирајќи ја својата нова клупска веб-страница.
Станува збор за модерна и функционална платформа преку која клубот воспоставува директна и транспарентна комуникација со јавноста и навивачите. Особено значајно е тоа што секој донатор на клубот ќе добие сопствен кориснички профил, преку кој ќе може јасно и транспарентно да следи како и за што се користат средствата – потег кој ретко се среќава дури и кај клубови од повисок ранг на натпреварување.
Покрај финансиската транспарентност, клупскиот сајт ќе содржи и редовно ажурирани резултати од натпреварите, фотографии и галерии од мечеви и настани, како и посебен сегмент посветен на анегдоти, спомени и историјата на клубот од неговите поранешни, славни периоди.
Со ваквиот чекор, Победа Валандово испраќа силна порака и поставува стандард кој, за жал, недостасува кај многу македонски клубови. Иако се натпреварува во Третата лига, валандовскиот клуб во однос на транспарентноста и комуникацијата со јавноста е чекор пред бројни второлигаши, па дури и некои прволигаши, кои немаат ниту официјална клупска веб-страница, а дел од нив немаат ниту активна официјална Фејсбук страна – поразителен факт за 21 век и сериозна пречка во градењето однос со навивачите и спортската јавност.
Покрај промоцијата на клупскиот сајт, Победа Валандово денеска официјално ги започна и зимските подготовки за продолжението од сезоната. Тимот како непоразен лидер во Третата лига – Исток со јасни амбиции ја продолжува борбата за промоција во повисок ранг, а професионалниот пристап надвор од теренот уште еднаш потврдува дека клубот размислува долгорочно и системски.
Победа Валандово со овој потег покажува дека визијата, организацијата и модерниот пристап не зависат од рангот на натпреварување – туку од желбата клубот да расте и да биде блиску до своите навивачи.
