Европско првенство 2026Ракомет

ЕП 2026: Романија без страв и со јасна порака – „Не одиме со наведната глава“ против Македонија во групата Б

Сподели
ФОТО: FRH - Federația Română de Handbal
Сподели

Машката ракометна репрезентација на Романија влегува во завршната фаза од подготовките за Европското првенство 2026 со мешавина од реализам, самодоверба и јасна цел – да биде конкурентна и да се бори за секој натпревар, и покрај тоа што се најде во исклучително тешка група заедно со Данска, Португалија и Македонија.

Романците ќе настапат во групата Б во Хернинг (Данска), а првиот натпревар ги очекува на 16 јануари против Португалија, додека дуелот со Македонија, кој селекторот веќе го најави како „финале“, е закажан за 20 јануари од 19:00 часот.

  • Последни проверки пред ЕП: порази кои носат поуки

Романија досега одигра два пријателски натпревари како дел од финалните подготовки – и двата загубени, но со различна слика на теренот.

На 6 јануари во Трст, романската селекција беше поразена од Италија со минимални 35:34, додека на 9 јануари во Ѓер загуби од силната Унгарија со 33:23, пораз од десет разлика кој, според селекторот, не ја отсликува реалната слика на теренот.

„Во првото полувреме имавме четири промашувања од исклучително чисти ситуации. Промашивме две шанси со празна мрежа, удари кои можевме подобро да ги реализираме бидејќи имавме време да ја внесеме топката во голот. Имавме и промашен седмерец од Даниел Станчиук, како и една акција од полукругот во која Калин Деду беше сам пред противничкиот голман. Ако ги реализиравме само тие четири ситуации, на полувреме резултатот ќе беше 16:15 и натпреварот ќе изгледаше поинаку. По паузата решивме да ја смениме екипата и да им дадеме шанса на сите да настапат. Кристи Гиќа ми кажа дека чувствува болки во грбот, па не сакавме да го форсираме. Без сомнение, Унгарија во овој момент е подобар тим, тие се на едно друго ниво, инвестираат многу во ракометот и имаат голем број академии, но сметам дека конечниот резултат беше премногу строг и не ја одразува целосната вистина за играта. Нашата изведба беше подобра. За мене, реперите пред Европското првенство остануваат натпреварот со Италија и првото полувреме со Унгарија – од таму продолжуваме“, рече селекторот на романската репрезентација Георге Буричеа за романските медиуми.


  • Порака без страв: „Не одиме со наведната глава“

И покрај проблемите и повредите, романскиот селектор испраќа јасна порака пред настапот на Европското првенство:

„На Европското првенство одиме со крената глава, а не со наведната, затоа што сме мала екипа. Да, барем во машкиот ракомет сме далеку од големите сили, но можеме да се бориме. Имаме јадро од 10-12 играчи кои можат да направат резултат. Тоа го покажавме во добрите натпревари за репрезентацијата. Се квалификувавме победувајќи ја Португалија и тоа не е мала работа.“

  • Бурича посебно се осврна и на дуелот со Македонија:

„Тоа ќе биде нашето финале во групната фаза. Станува збор за екипа од наше ниво, со поголемо меѓународно искуство, бидејќи не отсуствуваа од завршниците во последниот период. По квалитет не се подобри од нас. Одигравме два пријателски натпревари со нив во Браила и успеавме да победиме. Ќе биде борба на живот и смрт, бидејќи таа победа ќе ни даде шанса директно да играме плеј-оф за пласман на Светското првенство и, можно, против попристапен противник.“


  • Голманот Јонут Јанку кој е и капитен на репрезентацијата: „Не одиме на ЕП за да ги изгубиме сите натпревари“

Голманот и капитен Јонут Јанку ќе настапи на второ последователно Европско првенство и е еден од столбовите на оваа генерација.

„Во споредба со пред две години, можам јасно да кажам дека стекнавме повеќе искуство. Цврсто верувам дека сме подобри, дека имаме поголема самодоверба. Искрено се надевам и посакувам оваа репрезентација на Романија да се прикаже во одлично светло на ова Европско првенство.“

Јанку е единствениот ракометар што ги одиграл сите 17 натпревари откако селекцијата ја презеде Бурича:

„Сакам да бидам лидер за нив и сакам да ги инспирирам. Најмногу сакам да ги туркам напред. Од голот им довикувам, ги охрабрувам и момците тоа го разбираат!“

Во однос на групата и противниците, неговата порака е јасна.

„Не можам да одам на Европско првенство и да кажам дека против Данска ќе загубам, против Португалија ќе загубам, а можеби ќе се борам со Македонија. Одам таму да играм натпревар по натпревар и силно верувам во оваа екипа. Да ги изненадиме сите на пријатен начин и да покажеме дека можеме да направиме голем резултат.“


  • Ростерот на Романија – микс од искуство и млади сили

Во составот на Романија за подготовките пред ЕП 2026 се најдоа ракометари од домашното првенство, но и од силни европски клубови како Фленсбург, Горник Забже, Вибжеже Гдањск.

Голмани во романската репрезентација ќе бидат Каталин Хаиду (Фленсбург), Јонут Јанку (Динамо Букурешт) и Михаи Попеску (Потаиса Турда).

ФОТО: FRH – Federația Română de Handbal

Бекови се Даниел Станчиук (Динамо Букурешт), Ерик Поп (Минаур Баја Маре), Тудор Ботеа (Минаур Баја Маре), Андреј Бузле (Динамо Букурешт), Роберт Милитару (Динамо Букурешт), Габриел Кумпаници (Минаур Баја Маре), Разван Триф (Поли Темишоара), Роман Додица (Динамо Букурешт), Кристијан Гица (Потаиса Турда) и Јонут Станеску (Вибжеже Гдањск).

На крилните позиции се Александру Андреи (Поли Темишоара), Денис Вереш (Потаиса Турда), Јонут Нистор (Динамо Букурешт) и Сорин Григоре (ЦСУ Сучеава).

Пивоти во романската репрезентација ќе бидат Калин Деду (Динамо Букурешт), Роберт Наѓ (Минаур Баја Маре) и Андраш Сас (Поли Темишоара).


Романија има серија повреди и нема да може да смета на неколку важни играчи.

„Демис Григораш, Дани Василе и Андреј Драган се три значајни отсуства. Се надевам дека барем ќе успееме да ги рехабилитираме Ливиу Каба и Габриел Илие. Но, повторувам, мора да играме храбро, без оглед на ситуацијата“, изјави Буричеа.

Буричеа го убеди Кристи Гица да се врати во репрезентацијата, иако десниот бек од Потаиса Турда претходно ја најави својата репрезентативна пензија.

„Се случи Демис Григораш да се повреди, го замолив Гица и тој веднаш прифати. Да се повлечеш на Европско првенство е нешто сосема друго и тоа му го објаснив“, дополнува селекторот на романската репрезентација.

  • Што значи ова за Македонија?

Романија влегува на ЕП 2026 без еуфорија, но и без страв. Тим со јасен идентитет, силна внатрешна кохезија и селектор кој отворено го означува дуелот со Македонија како клучен за нивната судбина на Мундијалот.

За македонската репрезентација, тоа значи максимално сериозен и физички тежок натпревар, против селекција која нема што да загуби – но има многу да добие.


Сподели
Напишано од
Александар Ванев -

Основач, главен и одговорен уредник на спортскиот веб портал Спортска Мрежа, специјализиран за македонски спорт. Александар Ванев со спортско новинарство започнува на 1. август 2010 година, неговиот најголем проект е Спортска Мрежа, тој е спортски коментатор и во неговата кариера има коментирано натпревари од Втората и Третата фудбалска лига на Македонија, од Првата футсал лига на Македонија, Куп на Македонија, Прва и Втора женска фудбалска лига, како и натпревари од македонскиот ракомет. Ванев е член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Ванев е спортски новинар посветен на македонскиот спорт, првиот и единствен кој темелно ја работи Третата и Четвртата (општинската лига) во Македонија.

Не пропуштајте

Ракомет

Охриѓани подготвени да ја одбранат својата Тврдина

Ракометарите на Охрид под полна пареа се подготвуваат за првата пресметка од двомечот од 1/8 финалето од ЕХФ Европскиот Куп против Дукла Прага,...

Трета лигаФудбал

Јубилеј со турнир: „10 години ФК Пчиња“ со шест екипи и богата програма

По повод одбележувањето на јубилејот „10 години ФК Пчиња“, клубот организира турнир кој ќе се одигра во две групи, со учество на шест...

Поврзани написи
Ракомет

Охриѓани подготвени да ја одбранат својата Тврдина

Ракометарите на Охрид под полна пареа се подготвуваат за првата пресметка од...

Ракомет

Ново десно крило за „црвено-црните“ – Воркапиќ пристигнува порано од планираното

Македонскиот вицепрвак Вардар го засилува ростерот со српското десно крило- Вукашин Воркапиќ....

Ракомет

Тинекс Пролет ги испрати во „пензија“ Мајнов и Даскалоски

Раководството на Тинекс Пролет приреди убав гест пред почетокот на дуелот со...

Ракомет

ФОТО: Шампионот Еурофарм Пелистер како на тренинг против „фенерџијата“ Радовиш

Еурофарм Пелистер продолжува сигурно во пролетниот дел од Суперлигата, откако на гостувањето...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!