Ракомет

ЖРК Овче Поле Славјански Универзитет ги започна подготовките – целта е второ место!

Сподели
Сподели

Женскиот ракометен клуб Овче Поле Славјански Универзитет ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната во Првата ракометна лига.

Тимот есенскиот дел го заврши на делба на второто место со екипата на Ѓорче Петров 2, а во пролетниот дел како што истакнува тренерот Илија Бетувски за Спортска Мрежа нивната цел ќе биде освојување на второто место кое води кон баражот за можен влез во Суперлигата.

Прволигашот од Свети Николе успеал да ги задржи сите ракометарки од есенскиот дел, а се водат преговори за уште неколку засилувања.

„Сите девојки тренираат максимално, имаме квалитетни ракометарки и наша цел е да на крајот од сезоната бидеме барем втори на табелата“, изјави Бетувски за Спортска Мрежа.

Моментално се работи на општа физичка подготовка, а потоа ќе следува период кога ќе се закажат и пријателски натпревари низ кои ќе се проверува формата.

Како што ни изјави Бетувски, сите ракометарки се задоволни и клубот нема заостанати долгови кон играчите.

„Сè уште е рано да закажуваме пријателски натпревари моментално работиме на општа физичка подготовка. Девојките се задоволни и клубот нема заостанати долгови спрема играчите согласно договорите. Доколку се договориме со ракометарките со кои контактиравме целта ќе ни биде остварена“, дополни тренерот на клубот од Свети Николе за Спортска Мрежа.

Овче Поле Славјански Универзитет има осум победи и три порази и 16 бодови, како и Ѓорче Петров 2, со тоа што тимот од Свети Николе го има најдобриот стрелец во лигата – Анастасија Сентовска која е без конкуренција и која постигна неверојатни 104 погодоци на 11 натпревари и со тоа е убедливо најдобар стрелец во Првата женска ракометна лига.

Покрај Сентовска, третиот најдобар стрелец на листата на најдобри стрелци доаѓа одново од тимот од Свети Николе, Елена Вучевска постигна 63 гола, а пак на второто место е Анастасија Јованоска од тимот на Деспина со 65 погодоци, што само по себе говори за фантастичниот учинок на Сентовска.


Сподели
Напишано од
Александар Ванев -

Основач, главен и одговорен уредник на спортскиот веб портал Спортска Мрежа, специјализиран за македонски спорт. Александар Ванев со спортско новинарство започнува на 1. август 2010 година, неговиот најголем проект е Спортска Мрежа, тој е спортски коментатор и во неговата кариера има коментирано натпревари од Втората и Третата фудбалска лига на Македонија, од Првата футсал лига на Македонија, Куп на Македонија, Прва и Втора женска фудбалска лига, како и натпревари од македонскиот ракомет. Ванев е член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Ванев е спортски новинар посветен на македонскиот спорт, првиот и единствен кој темелно ја работи Третата и Четвртата (општинската лига) во Македонија.

Поврзани написи
Ракомет

Вардар на чекор до големо засилување: Фадуил на мета на „црвено-црните“

Македонскиот ракометен гигант Вардар сериозно работи на засилувањата за следната сезона, а...

Ракомет

Вардар сигурно до финале во Купот – „црвено-црните“ ќе се борат за нов трофеј против Алкалоид

Ракометарите на Вардар повторно ќе играат во финалето на Купот на Македонија,...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!