По неколкугодишна пауза, фудбалот повторно дише во радовишкото село Злеово. Вчера, на теренот кој со години беше запоставен, се одигра ревијален натпревар што врати спомени, емоции и насмевки – дуел меѓу ветераните кои во минатото го носеле дресот на ФК Слога и сегашните активни фудбалери на клубот.
Злеово повторно има свој клуб, а ФК Слога денес се натпреварува во Општинската фудбалска лига – Струмица, како единствен претставник од радовишкиот регион. Тимот зад себе има одлична есенска полусезона и презимува на високото трето место, што е дополнителен доказ дека реактивацијата на клубот оди во вистинска насока.
Зад успехот стои здрава организација – млади ентузијасти кои со поддршка од повозрасните поранешни играчи, тренери и членови на управата, успеаја да ја вратат Слога таму каде што припаѓа. Фудбалскиот терен, кој со години не бил користен, денес повторно е во функција, иако на истиот му се потребни дополнителни зафати: валирање, подобрување на тревната подлога и инфраструктурни подобрувања. Од клубот отворено најавуваат соработка со бизнис-секторот и поддршка од Општина Радовиш со цел создавање подобри услови.

Ревијалниот меч помина во фантастична атмосфера – средба на генерации, враќање на стари пријателства и емоции, поранешни фудбалери кои по повеќе од 30 години повторно го облекоа дресот на Слога. Натпреварот во регуларниот дел заврши 3:3, а младите фудбалери славеа по пенали со 6:5, но резултатот беше во втор план – победник беше фудбалот.
По завршувањето на натпреварот, следуваше заеднички ручек со музика во живо, каде што продолжи дружењето и веселбата, уште еднаш потврдувајќи дека во нисколигашкиот фудбал сè уште владеат слога, другарство и искрен спортски дух.

Од управата на ФК Слога за Спортска Мрежа порачаа дека ова е само почеток. Следуваат нови активности, подобрување на инфраструктурата и подигнување на организацијата, со јасна визија – Слога повторно да биде клуб каков што беше во старите добри времиња и сериозен кандидат и за настап во Трета лига.
- 📺 Ексклузивно за Спортска Мрежа
Целиот натпревар ќе биде емитуван во вторник од 21:00 часот на YouTube каналот „Спортска Мрежа“, специјална емисија од Злеово, посветена на ФК Слога – во среда од 21:00 часот.
„Фудбалот се врати во Злеово. И овојпат – изгледа дека дојде да остане.“
