Прволигашот Брера Струмица во пролетниот дел ќе влезе со неколку промени во играчкиот кадар, ќе има заминувања, а ќе има и нови играчи.
Тимот од Струмица остана без еден од најдобрите играчи, Фахд Нзенгуе реши да направи промени и да ја промени средината. Покрај него заминуваат уште неколку од странците.
Тренерот Мартин Алаѓозовски очекува да бидат донесени неколку соодветни замени и нови засилувања, со цел да бидат конкурентни на сите позиции во пролетниот дел.
„Ќе нѐ напушти Фахд Нзенгуе, напаѓачот кој беше еден од носителите на играта во есенскиот дел од првенството. Неговиот договор истекува и тој одлучи да побара нов предизвик. Заминуваат уште неколку од странците, но верувам дека раководството ќе доведе соодветни замени и нови засилувања, со кои ќе бидеме конкурентни на сите позиции и во вториот дел од првенството“, истакна шефот на стручниот штаб на АП Брера.
Струмичани презимуваат на седмото место со 19 бодови, односно се во зоната за директен опстанок, а пролетниот дел го отвараат со гостување кај дебитантот Арсими.