РепрезентацијаФудбалска репрезентација

Македонија со херојски бод во Гент – Димитриевски фантастичен против Белгија!

Сподели
ФОТО: ФФМ
Сподели

Спортска Мрежа од Гент

Фудбалската репрезентација на Македонија освои голем бод на гостувањето кај моќната Белгија во Гент, ремизирајќи (0-0) во натпревар кој ќе остане запаметен по несебичната борбеност, дисциплината и блескавите одбрани на Столе Димитриевски. Со ова реми, избраниците на Благоја Милевски го задржаа врвот во групата и направија нов чекор кон историски пласман на Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико.

Белгија, предводена од Кевин де Брујне, доминираше во текот на целиот натпревар, со над 25 обиди кон голот на Македонија, но ниту еден не најде пат до мрежата. Нашиот национален тим одигра дефанзивно совршено, со компактна формација и максимална концентрација, наликувајќи на легендарниот настап против Италија во Палермо.

Во првото полувреме, Македонија се бранеше со петорица во одбрана и речиси сите играчи зад линијата на топката. Белгијците бараа пенал во шестата минута по пад на Салемакерс, но судијата Умут Мелер правилно му покажа жолт картон за симулација. Најсериозната шанса ја имаше Тросар, кој во 18. минута погоди од недозволена позиција, а неколку минути подоцна, Салемакерс биеше преку голот. Македонија се закани по слободен удар преку Барди и Елмас, но Куртоа без проблем интервенираше.


Вториот дел донесе уште посилен притисок на Белгија, но и блескави моменти на нашиот голман. Димитриевски бранеше како инспириран – редеше одбрани на ударите на Де Брујне, Доку и Опенда, со што ја задржа мрежата недопрена. Во 61. минута, по маестралниот продор на Доку, Димитриевски со рефлексна интервенција спречи сигурен гол. Неколку минути подоцна, Опенда излезе сам пред него, но Столе повторно беше ѕид пред домашните ѕвезди.

ФОТО: ФФМ

Во завршницата, Македонија тактички го затвори мечот. Милевски внесе свежина со Деспотовски и Алими, а одбраната предводена од Велковски и Ѓурѓевиќ издржа под огромен притисок. Последната закана дојде во 88. минута кога Фофана силно биеше од 20 метри, но Димитриевски уште еднаш блесна.

По последниот свиреж – големо славје за „црвено-жолтите“. Овој бод значи многу повеќе од еден поен – тоа е симбол на карактер, пожртвуваност и зрелост на тимот кој сонот за Мундијалот го држи во свои раце.

По шест одиграни кола, Македонија е првопласирана со 12 бода, пред Белгија која има 11, но и натпревар помалку. Следниот предизвик за избраниците на Милевски е Казахстан во Скопје, во понеделник од 20:45 часот – натпревар кој мора да се добие за да се задржи водечката позиција и да продолжи мундијалската бајка.


Сподели

Не пропуштајте

ИнтернационалциФудбал

Елмас стартер во првата гостинска победа на Аталанта пред дуелот со Шкотска

Елиф Елмас се врати во почетниот состав на Аталанта во Серија А, а тимот од Бергамо ја запиша првата гостинска победа во првенството...

Кошаркарска репрезентацијаРепрезентација

Петровски: Мојата прва цел е да создадеме позитивна атмосфера и тим во кој секоја кошаркарка ќе знае дека има своја улога и одговорност

Виктор Петровски е новиот селектор на женската сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија, откако ја доби довербата од раководството на Кошаркарската федерација. Новиот предводник...

Поврзани написи
Ракометна репрезентацијаРепрезентација

РФМ со официјален приговор до ЕХФ: На телевизискиот пренос стоеше NMKD!

Ракометната федерација на Македонија преку соопштение информираше дека ќе поднесе официјален приговор...

Ракометна репрезентацијаРепрезентација

Македонија загуби од Грција во Халкида!

Македонската машка ракометна репрезентација го претрпе првиот пораз во квалификациите за Европското...

✕
error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!