Амбициозниот Охрид се најде во тешка ситуација пред серијата од клучни натпревари. Средниот бек и еден од најискусните играчи во тимот, Хрватот Ловро Јотиќ, заработи повреда на коленото во последните секунди од дуелот со Тиквеш во рамките на петтото коло од Супер машката лига.
Несреќниот момент се случи во последната секунда од средбата, кога Јотиќ незгодно падна по постигнатиот погодок. Првичните информации упатуваат дека станува збор за повреда што ќе го оддалечи од терените подолг период, а конечната дијагноза ќе биде позната по деталните лекарски прегледи.
Оваа повреда доаѓа во особено незгоден момент за охриѓани, кои веќе овој викенд гостуваат кај шампионот Еурофарм Пелистер – клуб во кој Јотиќ настапуваше во минатото. Следниот викенд, тимот го очекува двомечот против азербејџанскиот Баку во рамките на ЕХФ Купот, каде клубот има високи амбиции и очекувања.