Во четвртото коло од ракометната Суперлига, Охрид се врати на победничките патеки совладувајќи го Еурофарм Пелистер 2 со 22-25. Иако на хартија фаворити, охриѓани мораа да вложат многу енергија за да ги скршат младите и мотивирани битолчани, додека, пак, екипата на Алкалоид без проблеми го совлада Радовиш на гостински терен со убедливи 23-35.
Во Битола, младите ракометари на Пелистер 2 се покажаа како незгоден противник. Иако охриѓани имаа брзо водство (1-4, 3-7), домашните се вратија во игра предводени од Французинот Одифред и на полувреме резултатот беше минимален (11-12). Во продолжението Азиз ја презеде иницијативата и намали на само еден гол негатива (19-20), но во завршницата пресуди искуството на Охрид.
Сосема поинаква слика се гледаше во Радовиш, каде Алкалоид уште од стартот стави јасно до знаење кој е фаворит. Предводени од Ѓорговски, гостите рано поведоа и контролираа ритам на играта. Радовиш преку Трајчевски и Костадинов во еден момент намали на минус четири, но тоа беше максимумот. Во второто полувреме „сино-белите“ по тајм-аутот на Лазаров заиграа поорганизирано и без поголем напор ја осигураа победата.

Кај Охрид се истакнаа Ѓукиќ со девет и Ојлески со седум голови. Исто така, за Охрид, значајни за триумфот беа и голманите со своите одбрани- Чаневски со 12, и Блажески со четири клучни интервенции. За битолчани најдобри беа Азиз со девет и Одифред со шест погодоци, а голманот- Јовановски забележа девет одбрани.
Во Радовиш, капитенот Постолов беше најефикасен со осум гола, додека во таборот на Алкалоид најмногу се истакна Тордарсон со шест, а по пет додадоа Ѓорговски и Стојковиќ.

Охрид успеа да ја избегне непријатната замка и со тешка победа останува во врвот, додека Алкалоид со лесен триумф ја продолжи својата позитивна серија во домашното првенство. Радовиш и Пелистер 2 пак покажаа борбеност и потенцијал, но искуството сè уште ја прави разликата на вакви дуели.