Поранешниот македонски фудбалски репрезентативец Зоран Балдовалиев е именуван за нов спортски директор на ФК Брера. Со своето богато фудбалско искуство, како и со професионалниот пристап кон работата, Балдовалиев се очекува да одигра клучна улога во реализацијата на клупските цели за претстојната сезона која започнува на 8 август.
Роден и фудбалски изграден во Струмица, Балдовалиев потекнува од познатата струмичка школа која има изнедрено бројни таленти. Во текот на кариерата настапуваше за повеќе клубови низ Македонија и странство, при што воспостави богата мрежа на контакти. Овие поврзаности се сметаат за сериозен ресурс кој клубот ќе може да го искористи, особено во насока на развој и афирмација на младинскиот кадар со кој располага Брера.
„Се заблагодарувам на раководството за укажаната чест да бидам спортски директор. Ќе се потрудам да дадам свој ангажман во остварување на целите на АП Брера Струмица за оваа сезона, како што е овозможување услови за квалитетна работа и професионален развој на секој фудбалер во клубот, со подобрување на нашата спортска инфраструктура по добивањето терени во Градско Балдовци. И понатаму, како приоритет ни остануваат нашите младински школи кои имаат одличен потенцијал,“ изјави Балдовалиев.
Тој истакна дека ќе работи на мобилизација на млади фудбалери од Струмица и градење силна врска со локалната заедница. „Целта е да создадеме наши струмички фудбалери кои ќе играат во прва екипа, со можност за кариера и во други клубови. Тоа не значи дека сениорскиот состав ќе биде запоставен – напротив, подготовките се во тек, а донесовме и неколку засилувања,“ додаде новиот спортски директор.
Првенството во ПМФЛ започнува на 8 ми август а Брера во првото коло ќе гостува во Кратово против Силекс.