Македонскиот фудбалски репрезентативец Никола Ѓорѓев потпиша со португалскиот второлигаш Фарензе, со што започнува ново и возбудливо поглавје во својата професионална фудбалска кариера.
По одличната сезона во Швајцарија, каде што во дресот на Арау беше избран за најдобар фудбалер во втората лига, Ѓорѓев се одлучи за нов предизвик. Во сезоната 2024/25 тој оствари фантастични индивидуални бројки од кои 11 асистенции (најмногу во лигата), 82 создадени шанси и 7 гола, со што го привлече вниманието на повеќе клубови од странство.
„ Португалскиот фудбал за мене отсекогаш бил многу атрактивен и јас сакам да се докажам тука. Јас сум горд и благодарен дека ја имам можноста да го носам овој дрес на овој историски клуб“, изјави Ѓорѓев.
Фарензе е тим со богата историја и амбиции за враќање во елитата, а со ангажманот на Ѓорѓев добива играч со значително искуство и креативност во нападот. За 27-годишниот офанзивец ова е втора интернационална авантура по краткиот период во холандскиот Твенте, а досега во кариерата настапуваше и за швајцарските клубови Грасхоперс, Шафхаузен и Арау.