Денес ќе бидат одиграни натпреварите од 25. коло на Втората фудбалска лига, а ова рунда носи неколку интересни средби. Пред сериозен предизвик се екипите на Осогово и Борец, кои денес треба да дојдат до трите бодови.
Осогово на „Билјанини Извори“ против Охрид ќе бара три бодови во битката за потврда на баражот и продолжување на трката за директен опстанок. Охрид ќе биде тежок против за „жетвари“ кои само со три бодови ќе бидат задоволни.
Во таква ситуација е и Борец кој ќе треба да дојде до трите бодови ако сака и натаму сериозно да го напаѓа токму Осогово во битката за баражот за опстанок. Но, велешани ќе имаат тешка задача против Брегалница, која воопшто не е сигурно на патот кон директен влез во Првата фудбалска лига и во Велес ќе бара три бодови, со цел да не си го дозволи „луксузот“ од претходното коло кога загуби во Неготино.
Башкими како голем фаворит ќе го пречека последнопласираниот Вардарски, кој пак во претходното коло го изненади Охрид со триумф од 3:0, па сега ќе сака да направи изненадување и во Куманово, барем такво какво што направи Борец и извлече бод, но ќе биде тешко против разиграниот Башкими.
Дерби од средишниот дел на табелата ќе се игра во Струмица меѓу Беласица и Скопје, каде и двете екипи ќе сакаат триумф со цел сезоната да ја завршат на петтото место, што би било максимум за оваа сезона.
Победа ќе мора до три бодови со цел да го потврди директниот опстанок во Прва лига против Саса, која пак е влезена во резултатска криза. Ваквата ситуација кај Саса е предност за Победа, која со поддршка од домашната публика ќе бара позитивен исход, а пак Саса во Прилеп ќе бара излез од големата резултатска криза.
Новаци на домашен терен ќе се соочи со Вардар Неготино, ова е меч каде веќе речиси сигурно е потврдата на опстанокот на двете екипи. Трите бодови ги гледаат како цел и едните и другите, а на неколку кола до крајот – Новаци и Вардар Неготино влегуваат во мирна завршница од сезоната.
Арсими е во најдобра победничка форма и засега оди успешно кон испишување на нова историја – влез во Првата лига. Арсими на домашен терен ќе игра против Кожуф и на себе ќе ја има улогата на фаворит.
Лидерот Македонија ЃП на домашен терен ќе игра против Детонит Плачковица од Радовиш. „Лавовите“ се мачат и не се во посакуваната победничка форма, бодовната разлика која ја имаа се стопи, Башкими се израмни со Македонија ЃП, а тоа создава притисок бидејќи веќе и Арсими е на само два бода од нив.
Детонит Плачковица ќе биде сериозен предизвик, а „лавовите“ ќе мораат до три бода бидејќи може да завршат и на третото место.