Македонското карате доби нов светски шампион! Марко Џорлев се искачи на највисокото место на пиедесталот на Светското првенство за кадети, јуниори и У-21, кое се одржува во Бјелско-Бјала, Полска, откако во финалната борба во кадетската конкуренција до 63 килограми го совлада Адам Баги од Унгарија со 4-1.
Со сигурен настап, одлична тактичка подготвеност и контрола врз финалната борба, Џорлев го потврди својот квалитет и го заокружи настапот на светскиот шампионат на најдобар можен начин. Овој резултат претставува исклучително достигнување за младиот македонски репрезентативец и значаен успех за македонското карате на меѓународната сцена.
Резултати на Марко Џорлев – кадети, -63 кг:
Марко Џорлев – Алехандро Перез (Куба) 10-6
Марко Џорлев – Хозе Андрес Гарсија (Гвајана) 6-1
Марко Џорлев – Леонс Акоповс (Латвија) 6-0
Полуфинале: Марко Џорлев – Јан Мата (Панама) 8-0
Финале: Марко Џорлев – Адам Баги (Унгарија) 4-1
Светската титула е продолжение на одличната натпреварувачка година за Џорлев. Тој претходно го освои златниот медал на натпревар од Светската младинска лига на Светската карате федерација (WKF) во Пореч, а на Европското првенство го освои петтото место.
Посебно значајна улога во настапот на македонскиот репрезентативец има селекторот во борби за кадети Дејан Ристески, кој ја предводеше македонската кадетска репрезентација во борби на ова Светско првенство и го следеше Џорлев во овој важен натпреварувачки предизвик.
Македонските репрезентативци продолжуваат со своите настапи, а вниманието е насочено и кон Реџеп Рушити, кој во конкуренцијата до 21 година, во категоријата до 84 килограми, ќе се бори за бронзениот медал.
Златото на Марко Џорлев е голем ден за македонското карате и потврда дека со посветена работа, квалитетна подготовка и вистински натпреварувачки пристап може да се стигне до светскиот врв.
Придонес во развојот и подготовката на Џорлев имаат секако и неговите клупски тренери Сашко и Жарко Арсовски, кои со својата долгогодишна работа придонесуваат за напредокот на младите каратисти и за постигнувањето значајни резултати на меѓународната сцена.