Шефот на стручниот штаб на Работнички, Владимир Мирковски, е задоволен од сработеното во подготовките и смета дека неговиот тим е подготвен за стартот на сезоната, иако има простор за дополнителен напредок.
„Задоволен сум од она што го сработивме во подготвителниот период. Секако, секогаш има простор за напредок и верувам дека најдобрата форма треба да ја достигнуваме постепено, низ сезоната. Најважно е што играчите добро реагираа на барањата, работевме квалитетно и мислам дека сме подготвени за стартот на првенството. Имаме уште детали на кои треба да работиме, но верувам дека физички и тактички сме на добро ниво за премиерата“, вели Мирковски.
Тренерот на Работнички очекува интересна и неизвесна сезона, особено поради засилувањата во поголемиот дел од екипите.
„Очекувам многу интересна, квалитетна и изедначена сезона. Повеќето екипи се засилија и тоа е добро за македонската кошарка, бидејќи ќе има повеќе силни и неизвесни натпревари. Нашата предност ја гледам, пред сè, во тимската игра, дисциплината и желбата за докажување.
Работнички секогаш има високи амбиции и голема традиција, но тоа мора да се потврдува на терен на секој натпревар. Ќе одиме чекор по чекор и максимално ќе го почитуваме секој противник“, истакнува Мирковски.
Победата на стартот секако носи дополнителна самодоверба и позитивна атмосфера, но стратегот на Работнички потенцира дека едно коло не може да ја одреди целата сезона.
„Секако дека секоја екипа сака да ја започне сезоната со победа, бидејќи добриот старт носи самодоверба и позитивна атмосфера. Сепак, едно коло не ја одредува целата сезона. За нас е најважно уште од првиот натпревар да покажеме енергија, борбеност, дисциплина и одговорност кон дресот на Работнички.
Сакам навивачите да препознаат тим кој ќе се бори за секоја топка и кој на секој натпревар ќе дава максимум. Резултатите потоа треба да дојдат како плод на таквиот пристап“, порача Мирковски.
Работнички во новата сезона влегува со високи амбиции, а првиот натпревар ќе биде можност за тимот уште на стартот да покаже со каква енергија и пристап ќе настапува во новото првенство.