Македонската фудбалска репрезентација утре во Љубљана ја очекува вториот меч од Лига на нации против Словенија.
Капитенот Столе Димитриевски, истакна дека репрезентативците разговарале за пропустите од првиот натпревар и дека сега фокусот е целосно насочен кон Словенија.
„Знаеме дека не одигравме на посакуваното ниво против Швајцарија. Разговаравме меѓу себе и сега мора да покажеме реакција. Имаме малку време меѓу натпреварите, но мора да се подготвиме, да се поддржиме и максимално да одговориме на задачата. Овој дрес и Македонија заслужуваат да дадеме се од себе“, порача Димитриевски.
Голманот на Македонија го очекува и новиот дуел со Јан Облак, со кого со години се среќава во шпанската Ла Лига.
„Со Облак имаме натпревари повеќе од десет години и добро знам за каков голман станува збор. Тој е еден од најдобрите. Јас се надевам дека ќе ја завршам мојата работа, ќе ја сочувам мрежата и дека заедно ќе одиграме добар натпревар. Ни требаат неколку квалитетни меча за да ја подигнеме самодовербата“, додаде Димитриевски.
Натпреварот Словенија – Македонија се игра утре од 20:45 часот на „Стожице“ во Љубљана.