Актуелниот шампион на традиционалниот турнир- ГРК Охрид, уште еднаш покажа карактер во големото финале и со 31-30 (15-13) против македонскиот шампион- Вардар 1961 стигна до трофејот на 54. издание на Меѓународниот турнир.
Во возбудливото финале на ракометното игралиште „Горан Попоски – Бабец“, двете екипи имаа свои периоди на игра, но охриѓани беа поконцентрирани во клучните моменти. Охрид во завршницата имаше предност од три гола, но Вардар не се предаде и успеа да намали на само еден гол разлика.
Драмата достигна кулминација во последните секунди. На три секунди до истекот на времето, Вардар 1961 доби можност да се избори за реми, но последниот удар заврши во рацете на феноменалниот Дино Славиќ. Голманот на Охрид го одбрани ударот вреден за трофеј и му овозможи на својот тим повторно да се радува во Струга.
Филип Талески со девет погодоци беше најефикасен кај победникот, додека Мохаб Абделхак со осум гола беше најдобар стрелец кај Вардар 1961.
Охрид со оваа победа го одбрани трофејот освоен минатата година, а Дино Славиќ беше прогласен за најдобар голман на турнирот. Признанието за најдобар играч, пак, му припадна на Мартин Иваноски, исто така од таборот на Охрид, па така охриѓани имаа уште една причина за задоволство по успешниот настап во Струга.