Третото коло во Првата македонска фудбалска лига донесе две интересни пресметки, во кои Шкендија Арачиново приреди големо изненадување во Кавадарци, додека Силекс на домашен терен без поголеми проблеми го совлада Скопје.
Шкендија Арачиново до прва историска победа, падна залетаниот Тиквеш
Шкендија Арачиново испиша историја, откако како гостин со 0:1 го совлада Тиквеш и стигна до првиот триумф во својата историја во највисокиот ранг на македонскиот фудбал.
Кавадарчани го дочекаа натпреварот со максимален учинок по првите две кола и со две победи, но не успеаја да го продолжат победничкиот ритам.
Тиквеш подобро го отвори натпреварот и уште во раната фаза создаде неколку ситуации пред голот на Столевски. Сепак, токму кога домаќинот изгледаше како да има контрола, гостите зададоа удар.
Во 27. минута, по одличниот центаршут на Вилдан Керим од левата страна, Марко Симоновски се најде на вистинското место и со удар со глава од неколку метри го совлада Стевковски за водство на Шкендија.
Тиквеш продолжи да притиска и до паузата имаше уште неколку можности за израмнување, но Столевски беше сигурен на голот на гостите.
Во вториот дел кавадарчани повторно ја презедоа иницијативата и бараа начин да го пробијат бедемот на Шкендија Арачиново. Најблиску до израмнување беа во 78. минута, кога Висдом го погоди голот, односно пречката.
Во самиот финиш следуваше уште една голема шанса, но Столевски интервенираше по опасниот удар на Лавал и го зачува својот гол.
Шкендија до крајот издржа и со 0:1 стигна до историски триумф и први три бода во елитата, додека Тиквеш останува на шест бода по воведните две победи.
Стадионот во Кавадарци дефинитивно носи среќа за Шкендија Арачиново, откако на истиот стадион обезбеди влез во Втора лига, а на истиот стадион и обезбеди промоција во Прва лига.
Силекс го реши Скопје во второто полувреме
На стадионот во Кратово, Силекс славеше со 3:0 против Скопје и стигна до вториот триумф во шампионатот.
Гостите успеваа да го одржат натпреварот во егал во првите 45 минути, пред сè благодарение на расположениот Наумовски. Голманот на Скопје во неколку наврати го спасуваше својот тим, а Богдановски во 38. минута ја погоди и гредата.

Отпорот на „пиратите“ сепак беше скршен само три минути по почетокот на вториот дел. Манојлов проби по левата страна и асистираше до Есмир Хасукиќ, кој со прецизен удар донесе 1:0.
Кратовчани добија уште поголема предност во 60. минута. Сековски направи прекршок врз Џеков во сопствениот шеснаесетник, по што доби втор жолт картон и беше исклучен. Богдановски беше прецизен од белата точка за 2:0.
Конечниот резултат го постави Александар Мишов, кој по грешка во одбраната на Скопје излезе сам пред Наумовски и рутински реализираше за 3:0.
Со победата, Силекс стигна до вториот успех сезонава, додека Скопје останува без позитивен резултат по оваа средба.