Селекторот на македонската репрезентација до 16 години, Дејан Стојановски, беше задоволен од реакцијата на своите избраници во второто полувреме, но посочи дека тимот повторно имал лош почеток на натпреварот.
Македонија губеше со 18 поени разлика во вториот период, но со одлична игра во продолжението направи голем пресврт и ја совлада Унгарија со 95:76.
„Лошо прво полувреме. Повторно паѓаме после нивна серија од 11:0. Пак не бевме добри во скокот и во делењето на топката. Се обидувавме сè со сила, без контрола. Тие пет тројки што ги погодивме нè држеа во игра.
На полувремето беше малку погласно во соблекувалната. Повторно апелиравме на скокот и на делењето на топката. И тоа се случи во второто полувреме.
Одигравме добра, солидна одбрана, без непотребни испаѓања. Во второто полувреме имавме 25:17 во скокови, а мислам дека имавме и 15 асистенции повеќе од првото полувреме.
Анѓеловски имаше фантастичен учинок со 15 асистенции.
Играта ни беше побрза, Котевски го покажа својот потенцијал. Имавме четворица играчи со двоцифрен број на поени.
Тоа е тим! Тоа е тоа што ни треба секогаш – 40 минути!“
Македонија со оваа победа продолжува во борбата за 13. место, а последниот предизвик ќе биде против селекцијата на Бугарија.
„Гледаме напред и сакаме да завршиме со победа. Бугарија е одлична екипа со добар тренер, ги знаеме уште од тест-натпреварите. Но, тука сме дома, сакаме да победиме и ќе дадеме сè од себе. Се надеваме дека ќе дојде многу повеќе публика. Тоа ни треба – поддршка од трибините!“