Македонската репрезентација до 16 години со одличен пресврт ја совлада Унгарија со 95:76 и обезбеди пласман во натпреварот за 13. место на Европското првенство од Дивизијата „Б“.
Нашите кадети имаа тежок почеток на натпреварот, а во вториот период се најдоа во негатива од 18 поени (33:51). Сепак, избраниците на селекторот Дејан Стојановски покажаа карактер и со одлична игра во продолжението целосно го свртеа текот на мечот.
Пресвртот започна уште во финишот на првото полувреме, а целосно беше направен во третата четвртина. Македонија го доби овој период со убедливи 33:15 и пред последните десет минути влезе со предност од 69:68.
Во последната четвртина македонските кадети продолжија во ист ритам, ја зголемуваа предноста и на крајот стигнаа до убедлив триумф од 95:76.
Дион Шабани повторно беше меѓу најдобрите во македонскиот состав, запишувајќи нов дабл-дабл со 24 поени и 11 скока. Александар Котевски постигна 22 поени, Илија Коневски натпреварот го заврши со 17 поени, додека капитенот Анѓеловски забележа 15 асистенции и седум поени.
Со оваа победа Македонија продолжува во борбата за 13. место на шампионатот.