Младата македонска натпреварувачка во бразилско џиу-џицу (BJJ), Изабела Зајков, зад себе има уште еден исклучително успешен меѓународен настап, откако во Норвешка оствари одлични резултати на престижниот турнир „Oslo Open 2026“ и уште еднаш потврди дека припаѓа на самиот врв на европската сцена во својата возрасна категорија.
Радовишанката најпрво се закити со златен медал во категоријата Juvenile Girls GI / Blue Belt до 65 килограми, а потоа освои и бронзен медал во сениорска конкуренција во категоријата Female Adult NoGi – Advanced Level до 66,5 килограми, натпреварувајќи се против значително поискусни и повозрасни противнички.
Покрај настапот на „Oslo Open 2026“, Зајков престојуваше и на 14-дневен BJJ камп во Осло, каде имаше можност да тренира со талентирани борци од повеќе држави, како и со некои од најпознатите светски имиња во овој спорт. Меѓу тренерите кои работеа на кампот беа Brianna Ste-Marie, светска шампионка според IBJJF и шампионка во UFC BJJ, како и Gianni Grippo, светски шампион на ADCC.


Под водство на својот тренер Бруно Карваљо, членката на Team Carvalho Macedonia продолжува со континуиран напредок, а резултатите што ги постигнува на меѓународната сцена претставуваат уште една потврда за нејзиниот огромен потенцијал.
По успешната норвешка мисија, пред 15-годишната Зајков следува исклучително активен летен период. Во наредните месеци таа ќе настапи на повеќе реномирани меѓународни турнири во Бугарија, кои ќе претставуваат финална подготовка за најголемиот предизвик оваа година – настапот на Светското првенство (World Championship), кое ќе се одржи на 11 септември во Краков, Полска.


Изабела Зајков веќе зад себе има импресивна меѓународна кариера, со освоени медали на натпревари како „ABU DHABI World Tour Rome“, „AJP Europe Continental“ во Истанбул и „NAGA Detroit“ во Соединетите Американски Држави, а со своите настапи продолжува достојно да ја претставува Македонија на светската BJJ сцена.
Она што е сигурно е дека младата радовишанка продолжува да ја гради својата успешна спортска приказна, а следната голема станица на патот кон нови успеси ќе биде Светското првенство во Полска.
