Новиот македонски суперлигаш РК Младост 1977 продолжува да инвестира во сопствените таленти, а најнов доказ за тоа е потпишувањето на првиот професионален договор со младиот ракометар Никола Тасев.
Станува збор за 17-годишен лев и среден бек, кој важи за еден од најперспективните производи на ракометната школа на клубот од Богданци. По долгогодишен развој во младинските категории, Тасев доби можност да стане дел од сениорскиот проект на Младост и официјално да го направи најважниот чекор во досегашната кариера.
Од клубот истакнуваат дека професионалниот договор е награда за неговата посветеност, дисциплина и љубов кон ракометот, но и потврда дека школата на Младост успешно создава идни суперлигашки играчи и репрезентативни потенцијали.
„На само 17 години, Никола го направи големиот чекор во својата кариера и ја доби довербата на клубот да биде дел од сениорскиот проект на Младост 1977. Неговиот труд, посветеност и љубов кон клубот се наградени со професионален договор, што претставува уште еден доказ дека нашата школа создава иднина за македонскиот ракомет“, велат од РК Младост 1977.
Тасев е уште еден пример дека младите играчи од сопствената школа можат да стигнат до првиот тим преку напорна работа и континуиран развој. Во Богданци веруваат дека неговите најдобри ракометни денови допрва доаѓаат и дека ќе има значајна улога во иднината на клубот.
Покрај потпишувањето на професионалниот договор со Тасев, од РК Младост 1977 најавуваат дека во периодот што следува ќе бидат обновени договорите со сите домашни играчи од актуелниот ростер. Како награда за историскиот пласман во Суперлигата, раководството ќе обезбеди и подобрени финансиски услови за ракометарите кои беа дел од успешната сезона.
Со ваквите потези, Младост јасно покажува дека покрај засилувањата, голем акцент ќе биде ставен и на развојот и задржувањето на сопствените таленти во пресрет на суперлигашките предизвици.