Останато

(ФОТО) Голем подвиг на Изабела Зајков: Од златен медал до бронза во сениорска конкуренција на Осло Опен 2026 во Норвешка

Сподели
ФОТО: Спортска Мрежа
Сподели



Иако не успеа да избори место во големото финале, младата македонска БЏЏ натпреварувачка Изабела Зајков уште еднаш покажа дека е меѓу најголемите спортски надежи на Македонија. Радовишанката го освои третото место и бронзениот медал во категоријата Female Adult NoGi – Advanced Level до 66,5 килограми на престижниот турнир во Осло, откако триумфираше во мечот за третото место и се искачи на победничкиот подиум.

Зајков претходно стигна до полуфиналето на силната сениорска конкуренција, каде беше поразена од 27-годишната Норвежанка Рут Хоф. Особено драматичен беше финишот на полуфиналниот дуел, бидејќи на само десет секунди до крајот резултатот беше израмнет 2:2. Сепак, во последните завршни секунди противничката успеа да освои поени и да обезбеди место во финалето, додека Изабела остана на чекор до огромна сензација.

Сепак, самиот пласман во полуфинале претставува вистинска сензација ако се земе предвид дека Зајков има само 15 години и се натпреваруваше во сениорска конкуренција против далеку поискусни и повозрасни противнички.

На патот до полуфиналето Зајков успеа да ја совлада домашната натпреварувачка, 23-годишната Ада Кулсет со 5:3 во поени и да обезбеди место меѓу четирите најдобри во категоријата Female Adult NoGi – Advanced Level до 66,5 килограми.

Само еден ден претходно, Изабела го освои златниот медал на „Oslo Open 2026“, триумфирајќи во категоријата Juvenile Girls GI / Blue Belt до 65 килограми. Со тој успех таа уште еднаш потврди дека нејзиното име сè почесто ќе се споменува меѓу најдобрите млади натпреварувачки во светот на бразилското џиу-џицу.

Дополнително, натпреварувачкиот викенд за младата радовишанка сè уште не е завршен. Изабела Зајков е пријавена и во категоријата Open Weight Female 18+ Years, каде нема ограничување во тежината и натпреварувачките можат да бидат со 50, 80, па дури и над 100 килограми. Фактот што Зајков има плав појас и веќе зад себе поседува големи европски и светски резултати ѝ овозможи настап и во оваа исклучително силна конкуренција, каде и покрај тоа што има само 15 години, повторно ќе биде најмладата натпреварувачка на турнирот.

ФОТО: Спортска Мрежа

Посебно импресивен е фактот што покрај бројните спортски обврски и настапи на меѓународната сцена, Изабела е и одличен ученик во средното медицинско училиште, успешно комбинирајќи ги образованието и спортот на највисоко ниво.

Нејзините резултати не се случајност. Зад секој медал стојат огромна посветеност, дисциплина, жртва и напорна работа. Зајков секојдневно тренира со максимална сериозност, постојано работи на своето усовршување и покажува карактер каков што ретко се гледа кај спортисти на нејзина возраст.

Во текот на јануари годинава таа престојуваше и на 30-дневни подготовки во светски познатиот ММА камп „Tiger Muay Thai“ во Тајланд, под покровителство на Team Carvalho од САД, каде тренираше со врвни борци и тренери од целиот свет.

Зад себе Зајков веќе има освоено бројни медали на престижни меѓународни натпревари, меѓу кои златен медал на „ABU DHABI World Tour Rome“, сребро на „AJP Europe Continental“ во Истанбул, како и четири медали и шампионски појас на турнирот „NAGA Detroit“ во Соединетите Американски Држави.



Она што денес изгледа како голем успех на европската сцена, многумина веќе го гледаат како само почеток на една голема спортска приказна. Изабела Зајков веќе ја освојува Европа, а со настапите, талентот и работната етика што ги поседува, сè поизвесно е дека во иднина ќе почне да го освојува и светот.

Македонија добива спортистка со огромен потенцијал, а Радовиш има причина да биде горд на младата девојка која со своите успеси го промовира македонскиот спорт на најдобар можен начин.



Сподели
Напишано од
Александар Ванев -

Основач, главен и одговорен уредник на спортскиот веб портал Спортска Мрежа, специјализиран за македонски спорт. Александар Ванев со спортско новинарство започнува на 1. август 2010 година, неговиот најголем проект е Спортска Мрежа, тој е спортски коментатор и во неговата кариера има коментирано натпревари од Втората и Третата фудбалска лига на Македонија, од Првата футсал лига на Македонија, Куп на Македонија, Прва и Втора женска фудбалска лига, како и натпревари од македонскиот ракомет. Ванев е член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Ванев е спортски новинар посветен на македонскиот спорт, првиот и единствен кој темелно ја работи Третата и Четвртата (општинската лига) во Македонија.

Не пропуштајте

Кошаркарска репрезентацијаРепрезентација

Велев го објави списокот на играчи за младинското Европското првенство во Братислава

Македонската младинска кошаркарска репрезентација ќе ги започне подготовките за настапот на Европското првенство во Дивизијата „Б“ за кошаркари до 20 години, кое ќе...

Кошаркарска репрезентацијаРепрезентација

Берокал го објави поширокиот список на играчи за дуелите со Ирска и Луксембург

Македонската машка сениорска кошаркарска репрезентација во понеделник (15 јуни) ќе ги започне подготовките за претстојните натпревари од претквалификациите за пласман во квалификациите за...

Поврзани написи
Останато

Александар Грујиќ и Селим Кемал Јилдиз ја освоија титулата на Поинтер Опен 2026

Македонската тениска двојка составена од Александар Грујиќ и Селим Кемал Јилдиз го...

Останато

ВИДЕО: Радовишанката Изабела Зајков блесна во Норвешка – златен медал на „Осло Опен 2026“

Младата македонска натпреварувачка во бразилско џиу-џицу (BJJ), Изабела Зајков од Радовиш, продолжува...

Останато

Македонскиот репрезентативец Ѓорѓи Ѓоргиев потпиша за Црвена Звезда

Организаторот на играта на македонската одбојкарска репрезентација, Ѓорѓи Ѓоргиев, кариерата ќе ја...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!