Повратникот во македонската Супер лига, РК Младост 1977 од Богданци, го претстави своето прво засилување за новата натпреварувачка сезона. Нов член на суперлигашот е младиот и перспективен ракометар Тодор Узунчев, кој настапува на позицијата лев бек.
Узунчев во Богданци доаѓа со солидно искуство стекнато во редовите на РК Алкалоид и РК Бутел Скопје, клубови кои важат за едни од најдобрите средини за развој на млади ракометари во Македонија.
Во Младост веруваат дека неговите квалитети ќе донесат дополнителна енергија и квалитет во тимот кој следната сезона ќе настапува во елитното друштво на македонскиот ракомет.
„РК Младост 1977 со огромна чест го претставува своето прво засилување за новата сезона – младиот и исклучително еден од најперспективните играчи на позиција лев бек Тодор Узунчев од Гевгелија! Играч кој го градеше својот ракометен пат и искуство во редовите на РК Алкалоид и РК Бутел Скопје, клубови познати по создавање на врвни ракометари, сега пристигнува во Богданци подготвен да ја покаже својата сила, брзина и разорен шут! Роден победник. Млад, но со сериозно искуство. Лев бек кој носи енергија, храброст и квалитет. Навивачи на Младост, подгответе се! Ова е само почеток на проектот кој има јасна цел – силна и стабилна екипа на Младост во македонскиот ракометен врв“, велат од новиот суперлигаш.
Ангажманот на Узунчев е првиот чекор во формирањето на тимот за суперлигашките предизвици кои го очекуваат клубот од Богданци. По успешната сезона во која Младост обезбеди враќање во елитата, управата продолжува со засилувања со цел клубот да изгради конкурентен состав и да биде сериозен учесник во македонската Супер лига.
Со доаѓањето на младиот лев бек, Младост добива играч кој важи за еден од најперспективните на својата позиција, а навивачите со нетрпение ќе очекуваат да го видат во дресот на Младост.
Претходно, како што објави Спортска Мрежа, Младост ја продолжи соработката со стратегот Горан Андоновски.