Денеска во 19 часот, во салата „Парк“ во Струмица, машката сениорска репрезентација на Македонија против Холандија го започнува својот јубилеен десетти настап во Европската лига 2026. За разлика од претходните изданија, кога Лигата беше поделена на Златна и Сребрена дивизија, од оваа година таа е обединета и добива уште поголемо значење, бидејќи истовремено претставува и квалификациски циклус за Европското првенство 2028, што дополнително ја зголемува нејзината тежина и сериозност.
Македонските одбојкари и досега настапувале со максимален пристап во ова натпреварување, а така ќе биде и сега, особено затоа што секој сет, бод и победа носат чекор поблиску до нов настап на континенталната сцена.
Ова издание на Европската лига се игра во три натпреварувачки викенди, а Македонија ќе има шест противници. Ждрепката донесе избалансирана група – три селекции против кои ќе се тестира вистинската сила (Холандија, Грција и Израел) и три репрезентации против кои Македонија ќе важи за фаворит (Луксембург, Исланд и Косово).
Македонија е домаќин на првиот турнир, кој се игра токму во салата „Парк“ во Струмица, каде освен денешниот дуел со Холандија, во недела од 19 часот ќе го пречека и Луксембург.
„Започнува уште една Европска лига, најубавото и она за што работевме целиот овој период. морам да ги пофалам феноменалните подготовки, иако не бев во Крушево, реакциите од сите беа дека таму е поставена базата и дека се одработени седум феноменални денови. Кога се приклучија дел од интернационалците во Скопје одлично се вклопивме сите и имавме квалитетен тренажен процес. Секој од нас сериозно ја сфати својата задача и тоа е повеќе од јасно“, коментира капитенот Никола Ѓоргиев и продолжува: „Првиот противник Холандија ја анализираме веќе, врвен квалитет лани играа во Светската Лига на нации, но доаѓа со малку изменет состав и она што е специфично за нив е дека се многу висока репрезентација, која има добар блок и добар сервис. Се надевам дека ќе бидеме паметни и трпеливи, затоа што нивниот висок блок значи дека ќе треба да играме од блокот, да имаме добра заштита и нема секој напад да го завршуваме веднаш, туку да бидеме трпеливи. Така ќе успееме да им го пробиеме блок-системот и да реализираме полесно. Луксембург на ранг-листата е послаба селекција од нас и уште не сме ја реализирале бидејќи комплетниот фокус ни е кон Холандија. Имаме два дена за Луксембург, ќе имаме можност да го гледаме и нивниот дуел со Холанѓаните.“
Најважното е дека и атмосферата и мотивацијата се на високо ниво во тимот.
„Атмосферата во екипата е одлична, сите тренираме максимално и го даваме најдоброто од нас. Искрено многу ми е жал за пехот со Љафтов и што нема да може да сметаме на него, но ветувам дека ќе играме и за него и за сите нас. Ја повикувам публиката да дојде во салата ‘Парк’ во Струмица и да не поддржи на овие два натпревари, да биде наш седми играч, а ние ветуваме дека ќе дадеме и 200 посто од нашите можности и да се радуваме заедно“, заклучува Ѓоргиев.
Вратите во салата „Парк“ ќе бидат отворени во 18 часот, а билетите се 100 денари.