Охрид ја живее најубавата спортска приказна во својата историја. Освојувањето на Европскиот Куп донесе голема радост кај сите што беа дел од создавањето и развојот на клубот, а меѓу нив е и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој беше дел од ракометната приказна уште од самите почетоци.
Во изјава за Спортска Мрежа, градоначалникот Пецаков, не го криеше задоволството по историскиот успех, истакнувајќи дека пред петнаесет години тешко можел да замисли дека клубот ќе се искачи на европскиот врв. Тој нагласи дека трофејот има огромно значење не само за Охрид, туку и за македонскиот спорт.
„Можам да кажам дека сум пресреќен. Кога го основавме клубот, во 2011 година, никогаш не се надевав дека баш ќе стигнеме до тука и ќе бидеме шампиони на Европа во Европскиот Куп. Ова е голема работа – историја за градот Охрид, но и историја за Македонија. Посебно ме прави горд и среќен тоа што клубот којшто сум го создал, и како играч, сум бил и капитен долги години, од денешен аспект ја доживува оваа ренесанса.“

Градоначалникот упати благодарност до сите кои помогнале во реализацијата на проектот, посочувајќи дека успехот е резултат на заедничка работа на клубот, поддржувачите и спонзорите. Посебно ја истакна улогата на тренерот Борис Ројевиќ, кого го оцени како еден од најзаслужните за европската титула.
„Меѓутоа, мораме да им заблагодариме и на локалните бизниси и некои компании на државно ниво, коишто несебично ја поддржаа оваа наша приказна и се дел од успехот. Бескрајно им благодарам, нормално и на играчите, меѓутоа овој проект е потпишан на три години, со Ројевиќ и морам да кажам дека тој е еден од најзаслужните за овој успех. Човек којшто знаеше како треба да се освои, го донесовме, ја направи својата приказна и својот концепт на игра и еве, денес успеавме.“- изјави Пецаков за Спортска Мрежа.

Европската титула претставува круна на долгогодишната работа во клубот и потврда дека со јасна визија, посветеност и поддршка од заедницата можат да се остварат и најголемите спортски соништа. За Охрид ова е успех што ќе остане запишан со златни букви во спортската историја на градот и државата.

