Кошарка

КФМ го намали бројот на странци во македонската кошарка и воведе нови правила за клубовите

Сподели
ФОТО: Кошаркарска федерација на Македонија
Сподели



Кошаркарската федерација на Македонија ја информира јавноста дека на денешната седница на Управниот одбор, едногласно беше усвоен Предлог правилникот за лиценцирање на кошаркарски клубови за натпреварувачката сезона 2026/2027, како дел од реформските процеси насочени кон создавање поквалитетен, поорганизиран и финансиски постабилен кошаркарски систем.

Особено значаен сегмент од новиот правилник се финансиските критериуми, предвидени во Член 8, кои поставуваат јасни стандарди во делот на минималните финансиски вложувања во играчкиот кадар, како и обврската за финансиска дисциплина кон Федерацијата.

Согласно предложените решенија, клубовите ќе треба да обезбедат и документираат минимален буџет за играчки договори, и тоа:

– за клубовите во М-ТЕЛ Супер лигата – минимум 100.000 евра

– за клубовите во Првата женска лига – минимум 15.000 евра

Целта на овие критериуми не е создавање дополнителен товар за клубовите, туку воспоставување на реален, одржлив и чесен систем, во кој натпреварувањето ќе се базира на стабилност, предвидливост и почитување на преземените обврски.

Истовремено, како составен дел од лиценцискиот процес, секој клуб ќе треба да достави потврда за подмирени финансиски обврски кон Федерацијата, што претставува важен чекор кон воспоставување повисоко ниво на финансиска дисциплина и еднаков третман на сите чинители во македонската кошарка.

Воедно, важно е да се истакне дека Федерацијата и претходно презеде конкретни чекори во насока на финансиско олеснување и стабилизација на клубовите. Имено, веќе е донесена одлука за намалување на финансиските обврски од претходните натпреварувачки сезони за 40%, како и намалување на обврските од тековната натпреварувачка сезона за 20%, со цел да им се помогне на клубовите полесно да воспостават финансиска стабилност и да можат пореално да ја планираат својата иднина.

Во таа насока, Федерацијата уште еднаш ги потсетува клубовите дека за овие поволности и попусти веќе се писмено известени, при што прецизно се дефинирани роковите до кои истите важат. Поради тоа, апелираме клубовите внимателно да ги следат утврдените временски рамки, бидејќи по истекот на предвидениот рок, попустите престануваат да важат, а за добивање лиценца ќе мора да биде подмирен целокупниот износ на обврските кон Федерацијата.



Условна лиценца нема да може да се издаде во случаи кога клубот има финансиски долгови или не ги исполнува финансиските критериуми, што дополнително ја потврдува определбата на Федерацијата за сериозен и одговорен пристап во функционирањето на клубовите.

Нашата цел не е санкционирање, туку создавање на систем во кој клубовите постепено ќе се развиваат, ќе можат пореално да ги планираат своите обврски и ќе функционираат во средина на јасни правила, финансиска одговорност и спортска стабилност.

Дополнително, на денешната седница на Управниот одбор беше донесена и одлука за намалување на бројот на странски играчи кои можат да настапуваат во ростерите на клубовите, со јасна цел – поголем простор за развој на домашните играчи и дополнително зајакнување на македонската кошарка.



Согласно донесената одлука:

– во М-ТЕЛ Супер лигата, бројот на странски играчи се намалува од 4 на 3

– во Првата женска лига, бројот на странски играчи се намалува од 3 на 2

– во Македонската прва лига (мажи) останува во сила решението од минатата сезона, односно право на настап има 1 странски играч во ростерот



Сподели
Напишано од
Александар Ванев -

Основач, главен и одговорен уредник на спортскиот веб портал Спортска Мрежа, специјализиран за македонски спорт. Александар Ванев со спортско новинарство започнува на 1. август 2010 година, неговиот најголем проект е Спортска Мрежа, тој е спортски коментатор и во неговата кариера има коментирано натпревари од Втората и Третата фудбалска лига на Македонија, од Првата футсал лига на Македонија, Куп на Македонија, Прва и Втора женска фудбалска лига, како и натпревари од македонскиот ракомет. Ванев е член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Ванев е спортски новинар посветен на македонскиот спорт, првиот и единствен кој темелно ја работи Третата и Четвртата (општинската лига) во Македонија.

Поврзани написи
Кошарка

Спорт тим против Вардар за кадетската титула

Во вториот полуфинален натпревар од „Фајнал фор“ турнирот во М16 лигата-жени, домаќинот...

Кошарка

Водно Санс убедливо го преслуша Феникс и закажа финале со Вардар во М16 лигата

Кадетите на Водно Санс обезбедија пласман во големото финале на завршниот турнир...

Кошарка

Скопје домаќин на завршниот турнир М16 во машка конкуренција

Кошаркарската федерација на Македонија ќе биде организатор на завршниот турнир во машката...

Кошарка

Неготино подготвено за финалниот турнир М16 во женска конкуренција

Женскиот кошаркарски клуб „Спорт тим“ ќе биде домаќин на завршниот турнир во...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!