Ракометарите на Охрид ги очекува еден од најважните предизвици во сезоната – полуфиналниот двомеч против Целје во рамките на ЕХФ Купот. По историските резултати и одличната форма, охриѓани се подготвуваат за сериозен предизвик против квалитетен европски противник.

Пивотменот на Охрид, шпанскиот дефанзивец, Реј Моралес, во изјава за Спортска Мрежа нагласи дека Целје е силен тим со докажан квалитет, но и дека Охрид ќе мора да го одигра својот најдобар ракомет доколку сака позитивен резултат и продолжување на европскиот сон.
„Знаеме дека станува збор за тим со огромен квалитет, кој успеа да ги елиминира Бешикташ и Бузау, па затоа мора да го одиграме нашиот најдобар ракомет за да се вратиме од Словенија со добар резултат. Ова е клучен натпревар за да го задржиме нашиот европски сон жив.“- изјави Моралес за Спортска Мрежа.

Првиот натпревар се игра во Словенија, каде Охрид ќе се обиде да избори поволен резултат пред реваншот на домашен терен, со јасна цел – пласман во финалето на ЕХФ Купот и продолжување на историската сезона.