Во иднина Третите фудбалски лиги како и Општинските фудбалски лиги ќе претрпат промени, а како што најави претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) Масар Омерагиќ во новогодишното интервју, веќе разговараат и размислуваат како да се организираат Третите лиги и Општинските лиги во иднина.
Тој го појаснуваше начинот на кои ќе се организираат овие натпреварување во иднина, притоа тоа го потенцираше и со неколку примери.
Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ истакна дека Првата и Втората лига остануваат како што се, односно Првата лига ќе биде скратена на десет екипи за што веќе е потврдено за следната сезона, додека пак Втората лига, која оваа сезона брои 16 екипи, следната сезона ќе брои 14 екипи, но истата во иднина ќе биде намалена на 12 екипи.
„Промената од пет во шест региони околу организациската поставеност на Фудбалската федерација на Македонија, во моментот ФФМ е составена од Општински фудбалски сојузи и основниот услов за постоење на ОФС е да има минимум лига од шест клуба кој што се натпреваруваат во Општинската лига. Од таа причина за да одредени Општински сојузи опстанат, ама опстанат фиктивно, почнаа да фалсификуваат записници и да водат записници за фиктивно одиграни натпревари каде што имате во записниците како случајот во Охрид починати лица, лица кои што не живеат во Македонија, записници за нешто што не се случило, а се води евиденција дека се случило. Од таа причина нашиот статут на инсистирање на ФИФА и УЕФА за да нема суспензии, затоа што во моментот уште три Општински фудбалски сојузи се под истрага, наша интерна, каде што ќе ги преземеме сите мерки исто ќе следува суспензии кога ќе се заврши целата истрага. Решивме да направиме реорганизација регионите да бидат носители на организациската поставеност на ФФМ, тогаш повеќе не се Општински фудбалски сојузи, мислам не мора да постои Општински фудбалски сојуз. Во град каде што нема шест клуба ќе си стои Фудбалска организација, таа Фудбалска организација ќе си членува во регионот, регионот ќе биде носител на сите тие дејствија. Прво така непотребно ќе биде веќе фалсификувањето на Општинските лиги за да се биде делегат на Собрание за да се добијат разно разни привилегии, туку ќе дојдеме до тоа да имаме реален фудбал. Еден клуб има во градот, тој ќе си биде регистриран во Фудбалската организација на тој град, а таа Фудбалска организација ќе си биде регистрирана во регионот и преку регионот ќе си се делегираат сите работи што се потребни за да се учествува во работата на Фудбалската федерација на Македонија, меѓутоа регионот исто ќе добие на значење. Затоа што многу работи кои што сега доаѓаат во Општинскиот сојуз или пак во Фудбалската федерација финансиски ќе завршуваат во регионите. Гледаме дека Третата лига е проблематична од финансиски аспект, се помалку има спонзори бидејќи има Трети лиги кои што се скапи, имаат патувања до 60 – 70 километри во еден правец, сето тоа носи многу трошоци и ние разговаравме во последно време размислуваме нормално, мора оваа сезона да се заврши како што е. Имаме веќе назнаки од повеќе Општински фудбалски сојузи кои што се силни и имаат силни Општински фудбалски лиги и дека нивните прваци не сакаат да играат во Трета лига. Затоа што немаат финансиски средства, а Општинските лиги функционираат феноменално, имате по 20 екипи, по 15 во Општинска лига. Ние сме на размислување тоа да го промениме да донесеме одлука во текот на 2026 година во првата половина, мора една година однапред кога менувате систем да донесете одлука, да има Прва, Втора лига и повеќе Трети лиги во склоп на регионот, регионот нека си организира. Пример ви давам значи како пример не мора да значи дека е така, Свети Николе, Пробиштип, уште некои општини кои се таму нека си направат една лига своја Трета. Па Кочани, Берово, Делчево нека си направат, па Штип тој крај, како пример ви го објаснувам тоа. Повеќе Трети лиги да има во регионот, па победниците потоа од тие регионални лиги да си одиграат турнирски, победникот од тоа да игра за Втора лига. Затоа што нема логика да форсираме лиги каде што немаат интерес од финансиски причина луѓето да играат. Значи регионот кога зборуваме за организациската поставеност на Федерацијата, а лигите ние Прва и Втора тоа сигурно ќе остане со кратење на Втора лига до 12 клуба ние е намерата, а на регионите да го оставиме тој аматерски фудбал односно да нема повеќе Општински лиги затоа што имате градови каде воопшто немате услови за Општинска лига, немате ниту клубови. Повеќе општини кои се блиски помеѓу себе територијално да си организираат Трети лиги тоа ни е идејата“, рече претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ во новогодишното интервју.