Фаворитите одиграа според планот – шампионот Форца броеше до десет против Јувентус Серава, гостински победи за непоразениот лидер Проект и Кеги Моби.
Актуелниот шампион Форца со 10:6 славеше над Јувенс Серава, во меч кој го одигра во Скопје, во рамки на 7. коло на Првата футсал лига. Двојни стрелци за Форца беа Иљаз Чилафи, Елиезер Јосе Линарес Морена, а по еден гол во големата победа постигнаа Енсар Фера, Таулант Исмаили, Берат Рамадани, Јасир Зекири, Иван Крстевски и Јесус Алејандро Ривас Миранда.
За екипата на Јувентус Серава четири погодоци постигна Омер Османи, а пак двапати стрелаше Осман Мустафа.
Непоразениот лидер Проект преку пресврт го доби убедливо Шкупи со 1:5 на гостински терен. Зекир Зејнели го отвори мечот по две минути игра, а до крајот на првиот дел Проект го сврте резултатот на 1:2 на полувреме преку Горан Стојанов и Ѓорги Коцевски.
Во вториот дел Бојан Јанев, Никола Анчевски и Наум Блажевски ставија печат на победата од 1:5.
Кеги Моби вечерва забележа висока победа над Клими од Кавадарци, во меч кој се играше во Велес, наместо во Кавадарци, па практично Клими беше формален домаќин, а Кеги Моби формален гостин.
Екипата на Кеги Моби на полувреме имаше 0:2, а во вториот дел ја потврди високата победа, во која двојни стрелци беа Трајче Трајков и Ангел Гаштев, а пак по еден гол постигнаа Костадин Петров и Петар Левков. За екипата на Клими единствен стрелец беше Марјан Манев.
Во понеделник во Крива Паланка ќе се одигра дербито од дното меѓу Осогово и Мал Ајакс, а пак колото се затвара во среда со мечот меѓу Бутел и дебитантот Балкна.